Почна собраниската седница за избор на новите министри


Фото: Б. Грданоски
Во Собранието денеска продолжи 103. седница на која се очекува да бидат изгласани новите министри во Владата на премиерот Зоран Заев.

За нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен Трајан Димковски, а за министер за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Со Министерството за култура ќе треба да раководи Хусни Исмаили, додека со Министерството за локална самоуправа Горан Милевски. За прв човек на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците е предложен Садула Дураку.

Вчера, Собранието по повеќечасовна дебата исполнета со реплики и контрареплики ги разреши досегашните министри за финансии и за локална самоуправа Драган Тевдовски и Сухејл Фазлиу, како и министерот без ресор задолжен за Рамковниот договор Хазби Лика. На почетокот на седницата беа констатирани и оставките на министрите за земјоделство и за култура Љупчо Николовски и на Асаф Адеми, како и на министерот за животна средина Садула Дураку и министерот без ресор Зоран Шапуриќ.

На почетокот на вчерашната седница, премиерот Заев го повлече предлогот во исто време да биде и министер за финансии, појаснувајќи дека согласно овлатувастувањата со Законот за Влада, ќе раководи со Министерството за финансии, сé до изборот на нов министер. Образложувајќи го овој чекор, тој рече дека мора да се послушаат сугестиите на опозицијата, како и на Антикорупциската комисија, која, според него, испратила сериозна порака.

Реконструкцијата беше најавена од премиерот Заев по објавување на резултатите од првиот круг на претседателските избори. Тој најави смени и во раководните структури на јавните претпријатија и во самата партија.