Почна расправата за Деловникот на Собранието, Левица има 1.800 амандмани


 

Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања денеска ја започна амандманската расправа по Предлог-Деловникот за работа на Собранието. Поднесени се 1.965 амандмани, најмногу од Левица – околу 1.800.

Првите неколку амандмани кои се разгледуваа и беа отфрлени од предлагачот, претседател на Собранието Талат Џафери, беа поврзани со употребата на македонскиот односно албанскиот јазик за водење на седници и на работните тела.

Димитар Апасиев укажа дека водењето на седници и на албански јазик е противуставно.

Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека македонскиот јазик е единствен што се зборува на целата територија на земјата.

Дебата предизвика и амандманот пратениците кои зборуваат само македонски јазик да не добиваат материјали и на албански јазик. Тоа, како што појасни пратеничката Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го нема никаде во Европа.

Халил Снопче од АА рече дека е вчудоневиден од барањето на пратениците Македонци да не добиваат материјали и на албански јазик.

Апасиев од Левица истакна дека тогаш освен албанскиот јазик во Собранието треба да се воведе и турски јазик на пример. Апасиев рече дека не е уставно архивата да се води двојазично. Ако е така, вели тој, тогаш архивата да се води и на други јазици.  

Амандманската расправа за Деловникот почна по еднонеделни консултации меѓу пратениците. Разговори и консултации се водеа меѓу координаторите на пратеничките групи, Џафери и Левица. Очекувањата на Џафери беа дека Деловникот, кој е резултат на разговорите во рамки на Жан Моне процесот, ќе се донесе со консензус.