Почна постапката за изградба на регионална депонија во Пелагонија

Во оваа депонија во Новаци ќе се носи отпад од 18 општини


Распределени беа и камиони за отпад

 

БИТОЛА – Ќе се затвори и санира нестандардната депонија Мегленци во Пелагонија и ќе се изгради нов Регионален центар за управување со цврст отпад за жителите од 18 општини во Пелагонија и Југозападниот дел на Македонија. Ова денска во Битола го најави градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, на промоцијата на дел од опремата за управување со отпад за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион, на која покрај 18 градоначалници присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски и новиот министер за животна средина Мухамет Хоџа.

Отворањето на Регионален центар за управување со цврст отпад во Пелагонија лани во февруари крена на нозе дел од битолската јавност, која се спротивстави со протести изградбата на  новата депонија да биде за 18 општини, туку да се изгради, ама само за општините од Пелагонија. Дел од говорниците на денешната свеченост во Битола велеа дека ќе се гради регионална депонија, а дел Центар за управување со цврст отпад. Изложени беа канти за селекција на отпадот, камиони и контејнери.

„Денес зборуваме за една од најважните инвестиции за заштита на животната средина, Регионален центар за управување со цврст отпад, национален потфат кој ќе ја менува сликата на управување со отпад во нашата држава. Како Општина Новаци имаме голем предизвик центарот лоциран во дел од ископите на РЕК ’Битола’ да биде на наша територија. Овој центар ќе биде развојна можност со највиски еколошки стандарди, контрола, мониторинг и безбедност. Во истовреме ќе се затвори Мегленци“, рече градоначалникот Ставановски кој воедно е и претседател на Одборот за управување со отпад. 

Според Ставановски новиот центар ќе значи поголема покриеност со услуга за собирање на отпад и во урбаните и во руралните средини, намалување на дивите депонии, воведување селекција на отпадот, како и претоварни станици за отпад во Прилеп, Дебар, Охрид и Кичево. 

Според новиот министер за животна средина Мухамет Хоџа, со околу 11 милиони евра регионалниот модел за управување со отпад станува реалност за преку 400 илјади граѓани од 18 општини од Пелагонскиот и Југозападниот регион.

„Опремата е директно поврзана со идните планови на регионалниот центар за управување со цврст отпад, тука во Новаци. Ова е директна инвестиција во почиста животна средина“, рече  министерот Хоџа споредувајќи дека се финализира постапката за депонијата и во Полошкиот регион – во Русино, Објавен е јавен повик за депонијата во Свети Николе, која ќе ги опфати Североисточниот и Источниот регион.

Премиерот Мицкоски лично ги разгледа сите возила за собирање на отпад и влезе во еден од нив на совозачкото место. Рече дека новата опрема не е само техничко средство туку симбол на системска промена.

„Со оваа инвестиција директно удираме по дивите депонии, на долгогодишниот проблем на неформално и неконтролирано исфрлање на отпад. Наместо хаос, воведуваме ред. Воспоставуваме услови за селекција на отпадот уште на изворот. Ова е културна промена, а не само техничка мерка“, рече Мицкоски.  

Градоначалниците поделија 10 камиони со капацитет од 8 кубни метри, 4 камиони од 12 кубни метри, еден кипер камион, еден од марката „рено“, како и друга придружна опрема за комуналните претпријатија.

Советот на Општина Битола лани во февруари едногласно го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка за отворање на регионалната депонија во Новаци заедничка и за Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод. Оваа одлука на Советот следуваше по иницијатива со која Општина Новаци го прифати предлогот на нејзина територија да се гради регионална депонија за потребите за одложување и преработка на сметот од 18 општини во југозападниот дел од државата. Едногласно беше изгласана и одлуката за формирање на заедничка комисија за основање на заедничко јавно претпријатие за регионално управување со отпад меѓу наведените општини. 

Повеќе од 10 години се договара отворање на регионална депонија во срцето на најплодната житница во државата – Пелагонија, на локација на која претходно РЕК „Битола“ експлоатираше лигнит.

Новата регионална депонија ќе биде сместена наспроти постојната дива депонија Мегленци што ја управува ЈКП „Комуналец“ од Битола. Таа ќе се гради североисточно од селото Новаци на околу 5,3 км, или 2,4 км југозападно од селото Мегленци кое е најблиско населено место. Пелагонискиот и југозападниот регион има нерегулирани диви депонии со голем ризик за животната средина, па планот предвидува нивно затворање. Само во битолско има над 200 диви депонии.