Почна отстранувањето на гаражите во центарот на Битола, власта ветува уредени простори и паркинзи

Станарите не се согласуваат да им се рушат гаражите, бараат сообраќајно решение од градоначалникот Коњановски и проект како ќе го уредува просторот, затоа што на локацијата е предвидена катна гаража


 

БИТОЛА – Почна отстранувањето на гаражите во строгиот центар на Битола, локалната власт ветува уредeни простори и паркиралишта, но жителите се собраа со негодување и побараа сообраќајно решение и проект, па рушење. Станува збор за гаражите зад позната зграда „ЈАТ“, околу седумдесеттина на број, каде општината констатирала дека во најголем дел се нелегални и на општинско земјиште. Гаражите во најголем дел се лимени, но има и цврста градба. По два часа разговор на градоначалникот Тони Коњановски со станарите, работниците почнаа да ги отстрануваат лимените делови од првата нелегална гаража. Имаше и станари кои со столчиња застанаат пред времените објекти, но до инцидент не дојде. Во постапката асистираа двајца полицајци.

Најавите на општина Битола за големата слика на градот е дека сите гаражи, времени објекти кои го узурпирале општинското земјиште ќе бидат неселективно отстранети, оваа постапка се темели на одлуката донесена на седница на Совет во мај годинава.

Станарите од зградата „ЈАТ“ не се согласуваат да им се рушат гаражите, бараат сообраќајно решение од градоначалникот Коњановски и проект како ќе го уредува просторот, затоа што на локација е предвидена катна гаража.

„Дајте ни проект, техничко решение, сообраќајно решение, ако правите паркинг, каде ќе се движат автомобилите, каде ќе има дрво, каде клупа? Одложете додека тоа не го средите. Вака не знаеме што ќе се гради на просторот на гаражите“, рече Александар Литовски станар во зградата „ЈАТ“.

Она што ги загрижува станарите е дали новите паркиралишта дополнително ќе го нарушат нивното секојдневие со голема фреквенција на возила, а со тоа и дополнително загадување на воздухот. Признаваат дека гаражите во најголем дел се на диво поставени на општинско земјиште, во јавен паркинг не гледаат решение.

„На оваа локација каде е зградата ние имавме куќа, ни ја рушија куќата, но ни дадоа и гаража. Плаќам данок. Да се рушат гаражите нема да дозволиме. Ова е како котел, од сите страни заградено, ве молам да ми кажете каков воздух ќе дишеме. Не може да биде подобро кога ќе ни го земете воздухот. Катна гаража според никој закон не можете да направите. Овде нема улица за движење на возилата. Пасажите се наши на станарите“, рече Славе Котевски, пензионер, кој пред градоначалникот покажа дека е еден од малкутемина кои имаат документ за гаражата и за која уредно плаќа данок.

Градоначалникот Коњановски им даде до знаење на станарите дека нема да се оди на сила и да се прават инциденти, туку дека станува збор за јавна површина за која има обврска пред граѓаните да ја уреди.

„Тука сум да ви кажам дека Општина Битола во соработка со Советот на општината, од мај годинава ги започна сите законски предвидени постапки, почнувајќи од донесување на потребните одлуки од Советот и спроведување на административните процедури, во една комуникација со јавноста, со цел соодветно уредување на овој јавен простор во строгиот центар на градот. Мора да се елиминира досегашната пракса за узурпирање на јавна површина во интерес на поединци, а се создава можност за функционално уредување во интерес на сите граѓани на општина Битола“, се обрати Коњановски пред насобраните станари, убедувајќи дека за конкретниот случај, на оваа локација запазени се сите постапки, така што од страна на Општинскиот инспекторат, известени се станарите и за сите објекти донесени се решенија за отстранување, на кои станарите не се пожалиле и тие решенија во моментот се правосилни.

Коњановски им вети на станарите дека иако според деталниот урбанистички план, е предвидена катна гаража, општината ќе ја почитува волјата на граѓаните да не се гради катна гаража, туку целосно нов партерно уреден паркинг.

„Нарачан е сообраќаен проект со што ќе биде соодветно регулиран влезот и излезот во паркингот, додека со донесувањето на програмата за времени објекти, точно се дефинира и намената на просторот. Ќе биде поставена соодветната подземна инфраструктура, знам дека нема каде да се слива водата после секој дожд, тоа ќе се среди. Ќе имаме и проект за партерно уредување на просторот“, рече градоначалникот.

Коњановски накрај уште еднаш им порачува на битолчани дека „во согласност со законите ќе ги расчистува сите гаражи, гулабарници, кучкарници и кокошарници во градот“, особено како што вели што граѓани се дрзнале во гаражи во градот да чуваат и живина.