Почна обновата на делница од регионалниот пат меѓу селата Робово и Муртино во Струмица


Со поставување израмнителен слој асфалт денеска почна реконструкцијата на делница од регионалниот пат меѓу селата Робово и Муртино во должина од 3,5 километри. На почетокот на работите увид оствари министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој истакна дека реконструкцијата на овој патен правец е од големо значење за граѓаните во овој регион, кој е многу користен и фреквентен.

Според него, прв пат од изградбата на овој патен правец во 1974 година се врши реконструкција и притоа е направена нова категоризацвија на патот и од локален е категоризиран во регионален.

-Вредноста на чинење на овој патен правец е 48 милиони денари и е многу значајна инвестиција. Би сакал да спомнам уште еден проект-тоа е проектот за фекална и атмосферска канализација во селото Градско Балдовци. Имаше една неуспешна постапка за избор на изведувач, но во наредните денови по втор пат ќе ја распишеме оваа постапка со цел да почнеме со реализација на овој проект во Општина Струмица, инвестиција која чини преку 80 милиони денари, рече министерот Бочварски.

Тој информираше дека имал средба и со градоначалникот на Ново Село, каде бил потпишан меморандум за изградба на три улици, а досега се реализирани 96 улици во 46 општини од овој проект.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми најави дека набргу ќе почне целосната рехабилитација на патот Струмица-село Дабиле во должина од 3 километри и тоа е заедничка инвестиција на Општината и претпријатието.

-Веќе е завршен проектот за патот Струмица-Валандово до спој со патот А1 и во тек е подготвка на проектна документација за патот од Струмица до границата со Република Бугарија, инофмрираше Рустеми.

Директорот на ЈП „Македонија пат“, Костадин Ацевски, пак, укажа дека ова е втор патен правец во овој регион кој се реконструира и рехабилитира, а во наредниот период ќе се подготви програма за реконструирање и на други патни правци.

Градоначалниците на Струмица, Костадин Костадинов и на Босилово, Ристо Манчев го искажаа задоволството од соработката со Владата и надлежните јавни претпријатија од изградбата на овој патен правец и инвестициите за решавање на други инфраструктурни проблеми.