Почна јавната седница во Апелација за притворот на Мијалков


Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, заедно со адвокатите Љупчо Шврговски, Антонио Апостолски, Петар Василев и Миле Петровски присуствува на јавната седница во Апелацискиот суд во Скопје, на која се разгледуваат жалбите за мерката притвор што му беше определена при изрекувањето на пресудата во случајот „Титаник 2″.

Од Специјалното јавно обвинителство на седницата присутни се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Адвокатот Шврговски во образложението на жалбата наведе дека определената мерка притвор е сторена со суштествени повреди, како тоа за опасноста од бегство образложена со една реченица. Според одбраната тоа не е дозволиво.

-Во нашата судска пракса не се случило за вакво дело да биде определен притвор со образложение дека против обвинетиот се води друга постапка. Апсурдно е за таков предмет да се одреди притвор и да се направи преседан, истакна Шврговски.

Според адвокатот Миле Петровски, основи врз кои е определен притвор не постојат.

– Судот знаеше дека обвинетиот беше спроведен од куќен притвор и според закон остануваше само еден основ што укажува на можно бегство. Причина дека ќе се даде во бегство, бидејќи против него се водат и други постапки не може да биде. Во недостаток на докази за причини за опасност од бегство беше истакнат имотот и тоа што извршувал висока функција. Нема ниту една причина да се тврди дека постои опасност од бегство по изрекување на пресудата, истакна Петровски.

Бранителот Петар Василев рече дека постои правен апсурд, така што неовластениот тужител не образложи зошто е неопходен притворот.

-Одбраната не е виновна што неовластениот обвинител поднел обвинение 25 дена по законскиот рок за поднесување на обвинителен акт, изјави Василевски.

Во првостепената пресудата за „Титаник 2“ Мијалков е осуден на три години затвор, Мендух Тачи на три години и два месеци, Бедредин Ибраими на четири години и шест месеци, Влатко Сајкоски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години затвор.

Судот го прифати барањето на СЈО и им определи притвор на Сашо Мијалков и на Бедредин  Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост. Обвинителите побараа притвор поради опасност од бегство.

Според обвинението од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.