Почна исплатата на парични средства по основ на МојДДВ


Околу 21 милион денари од мерката МојДДВ веќе се префрлени на сметките на 16.600 граѓани на првиот ден од повратот.

Ова го соопшти денеска министерката за финансии Нина Ангеловска во одговор на прашање на прес-конференција за проектот за поставување фотоволтаици на јавни објекти.

Таа додаде дека исплатата на повратот на ДДВ од скенираните сметки започна денеска и ќе се извршува непречено во претстојните денови, се додека не се исплатат сите граѓани кои оствариле право на поврат во првото тримесечје, во износ од околу три милиони евра.

Според неа, најмногу се скенира во скопските општини Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош, и во Битола и Штип во однос на најголемата застапеност на граѓани во тие општини во кои скенираат фискални сметки.

Таа потенцира дека од 15 декември започнува МојДДВ #МојаНаграда и дека ова ќе биде уште еден мотив плус за граѓаните да ги скенираат фискалните сметки и со тоа да придонесат во борбата против сивата економија.