Почна бесплатната мамографија низ лавиринтите на јавното здравство

„Имам колешки на работа кои забележаа некои промени на дојката, но со месеци не можеа да закажат термин. Кога мене ми стигна порака за мамографија ме задеваа дека сум нашла некој пријател“, вели една од жените што чека преглед


 

Жените од возрасната група од 45 до 69 години кои не направиле мамографија последните две години, имаат право на бесплатна мамографија, која почна вчера.

Мамографијата се извршува во повеќе здравствени центри во земјава, а една од нив е и клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, попозната како Градска болница.

Мамографијата не трае повеќе од десетина минути, се извршува на современ апарат, а претходно медицинските лица прават визуелен преглед на дојките на жената.

За да ја направите мамографијата од Министерството за здравство добивате СМС порака во која ве известуваат за терминот и местото каде имате закажан преглед. Доколку сакате да го откажете прегледот, тоа може да го направите секој работен ден од 13 до 15 часот со јавување на 0800-14-444.

За да го остварите вашето право на преглед, без разлика во која здравствена установа ви е терминот, не треба да се појавувате на шалтер, затоа што прегледот е автоматски закажан. Само прашајте каде е кабинетот за мамографија. Таму ви даваат формулар во кој пополнувате основни податоци и битни прашања за вашата здравствена состојба, а потоа се врши мамографијата. По завршување на прегледот ви кажуваат дека резултатите ќе ви стигнат на вашата меил адреса, а доколку има потреба ќе ви се јават за дополнителен термин за преглед.

Што се случува кога ќе влезете во болницата „Св. Наум Охридски“?

Кога пристигнувате во болницата која се наоѓа спроти Зелениот пазар во Скопје, во близина на Собранието, прво се чудите од метежот што ве дочекува во ходниците на приемно. Помалку луѓе има на пазарот отспротива.

Пациенти чекаат на шалтер во „Св. Наум Охридски“

Забележувате дека на шалтерот има два реда, а чекаат најмалку педесет пациенти. Дел од нив не носат маски за заштита, иако сѐ уште на сила е мерката за заштита од ковид, според која, маски се носат во болници, амбуланти, аптеки и во јавниот превоз.

Дел од оние што чекаат се со скршени прсти, рака или нога во гипс, некој со помала хируршка интервенција на кожата на ногата, главата, раката. Дел од нив со штаки или во количка, трпеливо стојат пред шалтерот да им дојде редот. Наоколу се шетаат пациенти во пижами или оние кои чекаат прием со пижамите во ќесичка.

Пациенти во „Св. Наум Охридски“

Неколкупати се слуша дека системот паднал, па додека вие дојдете на ред, истата порака се пренесува низ луѓето најмалку три пати. Кога конечно ќе стигнете до шалтерот, вработената ви кажува да одите до рендген шалтерот. Таму, иста приказна. Чекаат дваесетина луѓе, а некои се носат и на болнички кревет. Кога ќе се одважите, преку ред, да прашате каде треба да направите мамографија, вработениот ве враќа назад, кај првиот шалтер, па покрај него од левата страна да влезете во вратата со натпис „Мамографија“. Кога ќе прашате зошто никој не ги информира на врата пациентките кои доаѓаат за бесплатна мамографија, прашуваат: „Го немаше портирот?! А двајца се, ама ете…“ Беспредметно е да се чудите зошто би го прашале портирот за информации кога има шалтер.

Кабинет за мамографија

Дел од жените кои чекаа на ред за мамографија коментираа дека биле изненадени кога добиле порака, дури се почувствувале и привилегирани.

„Имам колешки на работа кои забележаа некои промени на дојката, но со месеци не можеа да закажат термин. Кога мене ми стигна порака за мамографија ме задеваа дека сум нашла некој пријател. Се мислев дали да дојдам, па си велам, ете тие не можат термин да најдат, а јас размислувам да се откажам од терминот. Дојдов, но сега ми е страв од резултатите“, вели една од петте жени, чии термини беа од 10.20 до 11 часот, во средата.

Мамографијата е дијагностичка мерка која спасува животи

Од Министерството за здравство најавија дека жените на возраст од 40 до 44, кои имаат член во семејството со рак на дојка и или друг дополнителен ризик фактор имаат можност самоиницијативно да се пријават за скрининг мамографија на посебна страница за таа намена.

„Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените и месец октомври е посветен токму на борбата против ракот на дојка, неговата превенција и рано детектирање“, велат во министерството, додавајќи дека акцијата се спроведува по повод месецот октомври, кој е посветен на ракот на дојката. „Ова е посебно значајно за жените кога имаат знаци за промени во дојката или треба да направат контрола. Жената треба да стигне на преглед навремено за да се открие во рана фаза“, информираат во МЗ.

Скрининг мамографијата е бесплатна за жените во програмата, партиципацијата ја покрива Министерството за здравство.

Има промени и во начинот на упатување и закажување преглед за мамографија, ехо и биопсија. Се овозможува радиологот да ја упати жената со цел да се намали времето и патот на жената од преглед до третман.