Почина универзитетскиот професор Љупчо Арнаудовски
Почина универзитетскиот професор, правник Љупчо Арнаудовски.
Арнаудовски oсновно и средно образование го завршил во родниот град Охрид. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1960), а магистрирал на Правниот факултет во Загреб (1966). На Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација на тема „Вонзатворските воспитни мерки во југословенското кривично право“ (1975).
Работел како виш научен соработник во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1963-1979). Бил избран за вонреден професор на Правниот факултет во Скопје по предметите криминологија и пенологија (1979), а потоа и за редовен професор на истиот факултет (1985). Од март 1944 година бил член на СКОЈ, а од мај 1949 година и член на СКЈ. Бил секретар на Градскиот комитет на СКМ (1969-1973). Ги вршел функциите член на РИС и секретар за внатрешни работи на СРМ (1971-1973). Од овие функции бил отстранет во периодот на „либерализмот” поради сфаќањата и јавните настапи од тие позиции.
Бил член на Републичкиот судски совет (1994-2000 година). Избран за претседател на Моралниот суд на РМ (2003).
Во периодот 1960-1986 година бил главен и одговорен уредник на списанието „Правна мисла“, орган на Здружението на правниците на Македонија. Долги години бил претседател на издавачкиот одбор на Ревијата за криминалистика, криминологија и кривично право „Безбедност” – Скопје и издавачкиот совет на Ревијата за казнено право и криминологија – Скопје. Во периодот 1983/1984 година бил претседател на Советот на заедниците за научно-истражувачките дејности на Југославија.
Бил почесен претседател на Македонското пенолошко друштво и Здружението за кривично право и криминологија на Македонија.
Во 1981 година добитник е на наградата „Гоце Делчев“. Објавил повеќе од 200 научни труда и неколку учебници.