Почина самохрана мајка на Филипините – чекала автобус кој не дошол поради пандемијата


Смртта на самохрана мајка од Филипините, која починала за време на строгите мерки за заштита од пандемијата со денови чекала автобус за да се врати дома, предизвика гнев кај граѓаните и ја поттикна владата дополнително да размисли како правилно да постапи со работниците кои останаа без работа и можност за превоз во текот на пандемијата.
Мишел Силвертино (33) пронајдена е на 5 јуни во несвест на тротоар покрај пат во главниот гад Манила. Мајка на четири деца која се обидела да стигне до дома со автобус. Нејзината куќа се наоѓа во Калабанга, 400 км од Манила, но поради строгите мерки поради пандемијата немало автобуси, јавува Си-ен-ен.
Силвертино пешачела од Квезон Сити северно од Манила, до градот Пасај Сити на југ, во надеж дека ќе фати автобус. Но, тоа се покажало залудно, па останала на тротоар да чека неколку дена, каде паднала во несвест. Превезена е во болница, но таму е прогласена мртва.
Нејзината смрт предизвика бес кај жителите на Филипините. Луѓето низ целата земја се придружија на кампања која повикува на правда и која ја критикува власта дека не прави доволно за да им помогне на сиромашните работници  како Силвертино.
Во март годинава Филипините воведоа строги мерки на ограничување поради пандемијата од корона вирус. Сопрен е јавниот превоз на островот Лузон, а на жителите им е наредено да останат дома.
Сепак, незадоволството од смртта на младата жена стигна до претседателската палата и владата денеска објави дека ќе им помогне на работниците да се вратат дома.
Портпаролот на претседателот рече дека нема да дозволат да се повтори тоа што ѝ се случи на Силвертино и дека ќе одделат пари за социјална грижа и превоз при враќање на работниците кои заглавија на автобуски станици или аеродроми.