Почина научникот кој ги измисли командите „кат“, „копи“, „пејст“…


Лари Теслер, големиот информатички иноватор и научник, кој ги измисли командите за компјутерите „исечи“ (cut), „копирај“(copy), „залепи“ (paste), „пронајди“ (find) и „замени“ (replace), почина во Сан Франциско на возраст од 74 години, јавија светските агенции.

Теслер, од 1970 до 1980 година работел за познатата компанија „Ксерокс“ (Xerox), каде што во 1979 година се запознал со основачот и сопственикот на „Епл“, Стив Џобс и бил негов домаќин за време на посетата на компанијата. Една година подоцна Џобс го убедил Теслер да премине во „Епл“.

Некои од многубројните иновации на Теслер се командите „исечи“ (cut), „копирај“(copy), „залепи“ (paste) кои ги користат сите компјутерски платформи и кои овозможија ракувањето со компјутерите да биде многу полесно. Тој соработувал со Џобс во „Епл“ до 1989 година, а подоцна работел за „Амазон“ и за „Јаху“.