Почина Миодраг Костиќ, кралот на шеќерот и сопственик на една од најголемите бизнис империи во регионот
Основачот и претседател на српската МК Груп, Миодраг Костиќ почина на 13 ноември, потврдија од компанијата
Српскиот деловен стратег и бизнисмен Миодраг Костиќ почина во средата на 65-годишна возраст, соопшти компанијата МК Груп на чие чело беше тој.
Костиќ беше познат во регионот како крал на шеќерот, а во текот на својата 40-годишна активна професионална кариера создаде еден од најголемите деловни системи во регионот и се здоби со меѓународен статус на еден од највлијателните лидери, наведува МК Груп во соопштение за печатот.
„Во текот на својата кариера постигна голем успех и пионерски потфати во земјоделството, туризмот, енергетиката и банкарството, позиционирајќи ги своите компании како лидери во овие сектори. Проширувањето на бизнисот го следеше со бројни општествено одговорни активности, а круна на неговите филантропски активности е Фондацијата Миодраг Костиќ, која ја претставува Палатата на науката како најголема единствена добротворна донација во овој регион од почетокот на минатиот век“, се вели во соопштението.
Тој пред пет години се повлече од раководната функција, а управувањето му го довери на синот Александар.