Швајцарската Ју-Би-Ес би можела да го премести седиштето во Лондон
Швајцарска мултинационална инвестициска банка и компанија за финансиски услуги со седиште во Цирих и Базел, Ју-Би-Ес (UBS) подготвува планови за вонредни ситуации кои би можеле да вклучуваат преместување на седиштето надвор од Швајцарија, доколку регулаторите ги заострат капиталните барања за банката, објави „Волстрит џурнал“ во средата, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
„Фајненшел тајмс“ пренесува дека Лондон би можел да стане новото седиште на банката. Таа е најголемата банкарска институција во Швајцарија и најголемиот управувач со приватно богатство во светот.
Во извештајот се наведува дека опциите вклучуваат преземање на некоја финансиска институција од САД и преместување таму, спојување со европски конкурент или продажба на банка од САД.
„Ројтерс“ не можеше веднаш да ги потврди деталите од извештајот.
Овие планови на европскиот банкарски гигант доаѓаат во момент кога Швајцарија размислува за построги капитални правила за институциите што се „преголеми за да пропаднат“ (too-big-to-fail) – потег поттикнат од спасувањето на „Креди Свис“ (Credit Suisse) од страна на UBS во 2023 година.
Според владиниот предлог, од Ју-Би-Ес ќе се бара да поседува дополнителни 20 милијарди долари во капитал од основен сопствен капитал од прв ред (CET1), првенствено преку барањето странските подружници да бидат 100% покриени со CET1 капитал. Во моментов, задолжителната покриеност изнесува најмалку 60%, главно во форма на CET1 капитал.
Ју-Би-Ес се спротивстави на предлогот, тврдејќи дека барањето за 100% покриеност е претерано и би ја нарушило меѓународната конкурентност на банката.
„Артизан“ (Artisan) процени дека предложените измени би можеле да бараат од Ју-Би-Ес да издвои дополнителни 16 милијарди долари во основен сопствен капитал. Сепак, Ју-Би-Ес ја отфрла идејата за напуштање на Швајцарија; извршниот директор Серџо Ермоти минатата недела изјави за Си-Ен-Би-Си дека останувањето во Швајцарија е корисно и за економијата и за акционерите.
Минатиот месец, претседателот на управниот одбор, Колм Келехер, предупреди дека Ју-Би-Ес ќе мора внимателно да ја разгледа својата иднина во Швајцарија доколку новите банкарски правила станат премногу строги, но додаде дека најпосакуваниот исход би бил „швајцарски компромис што ќе ни овозможи да останеме во Швајцарија“.