Почина архитектот кој ја дизајнираше пирамидата пред Лувр
Јо Минг Пеј, американскиот архитект со кинеско потекло, кој, меѓу другото, ја проектираше стаклената пирамида пред музејот Лувр во Париз, почина на возраст од 102 години.
Проектите на Пеј се познати по акцент врз прецизната геометрија, рамни површини и природно светло, пренесува Би-Би-СИ.
Јо Минг Пеј, син на истакнат кинески банкар, ја напуштил татковината во 1935 година и се преселил во САД, каде студирал архитектура на МИТ и Харвард, а во 1955 година во Њујорк основал своја фирма.
Обновата на музејот Лувр, чии делови датираат од 12 век, се покажа како негов најконтроверзен проект, а за таа работа го ангажира францускиот претседател Франсоа Митеран.
Пеј на влезот во познатиот музеј проектираше стаклена пирамида со три помали пирамиди во близина, што претставува впечатлив контраст на постоечките објекти на Лувр во класичен француски стил.
Тоа предизвика негодување кај многу Французи, а некои медиуми таквото решение го опишаа и како „додаток на Дизниленд“, а и самиот Пеј призна дека Лувр бил несомнено негова најтешка работа во кариерата.
Пеј во 1983 година ја освои меѓународната награда за архитектура Прикер, а освоените 100.000 долари ги искористи за создавање програми за кинески архитекти кои сакаат да студираат во САД.