Почесниот конзул на Косово, Арсим Папранику, го извел Груби преку Блаце
Арсим Папранику е бизнисменот кој со својот автомобил со дипломатски таблички го одвезол Артан Груби до Косово, непосредно пред почетокот на полициската акција по која Груби е осомничен за злоупотреби во Државната лотарија, јави Телма повикувајќи се на извори на истрагата.
Папранику е именуван за почесен конзул на Косово во Македонија во 2018.
Папранику е сопственик на познатата компанија за технички стоки „Нептун“, а инвестираше и во изградбата на „Ист Гејт Мол“.
Премиерот Христијан Мицкоски прв спомена дека Груби заминал во возило со дипломатски таблички.
Според објави во повеќе медиуми Артан Груби веќе го ангажирал адвокатот Владимир Доневски да го застапува во предметот за кој е обвинет, а поврзано со проневера од над 8,2 милиони евра во Државната лотарија.
Доневски наводно уште вчера вечерта бил во јавното обвинителство и предложил Артан Груби да се врати во земјава доколку биде побарана поблага мерка за негово обезбедување, односно мерка куќен притвор, наместо притвор.
Во случајот со Лотарија, осомничен е и поранешниот директор на Државната лотарија, Прпарим Бајрами, кој подолго време е надвор од државата.