Триесет лица се евакуираат од старечки дом во Чемерско, Кавадаречко поради пожар – нема жртви


Илустрација (Фото: Б. Грданоски)

Пожар го зафатил старечкиот дом во кавадаречкото село Чемерско, во кој се сместени триесет лица. Информацијата ја потврди за МИА, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Тој додаде дека на терен се тимови на пожарникари, медицински лица и полицајци. 

-Нема жртва, тоа е најбитно. Приоритет беше да се извлечат на безбедно сите лица што престојуваат во домот. Имаме пратено два минибуса, пет амбулантни возила и ќе се транспортираат сите до Општа болница Кавадарци, од каде што семејствата ќе можат да си ги земат, истакна градоначалникот.

Инаку, Регионалниот ЦУК Велес, известува дека во село Чемерско (Општина Кавадарци) има пожар во старечкиот дом каде на терен се 10 пожарникари со 3 противпожарни возила и интервенираат. Исто така на терен има уште 3 медицински тима и две полициски коли со осум полицајци. Во меѓувреме траше евакуацијата на 30 лица, кои се сместени во старечкиот дом со две возила (минибуси).

Според првите информации прво се запалил оџакот, а од него кровот на домот. Во истиот Дом биле сместени 30 постари луѓе од кои 5 биле неподвижни. Но, сите се живи и безбедно извлечени од објектот што бил зафатен од пожарот и ќе бидат евакуирани во општата болница во Кавадарци. Во моментот кога е известен ЦУК, имало потреба од дополнителни возила од ИМП Велес за транспорт на лицата коишто биле неподвижни, во лежечка положба, па се координирало преку итната медицинска помош ИМП Велес, да бидат упатени кон селото Чемерско за да помогнат во транспортот.