Побрзо заврши истрагата за Кочани отколку за Дранго и мечката

Истрагата за Сашо Дранго се развлече, јавниот обвинител правел „дополнителни проверки“ за случајот отворен уште на почетокот на годинава


Сашо Дранго со убиената мечка

 

БИТОЛА – Истрагата за демирхисарецот Сашо Дранго, кој се сликаше со отепана мечка уште трае, или поточно се развлече. Од Нова година од кога се обелодени случајот,  досега се чека епилог за „трофејот“ – мртвата мечка со која се сликаше Дранго.

Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, оти Сашо Дранго тогаш беше заменик-директор на „Македонија пат“ и со партиска функција – претседател на Унија на ветерни на ВМРО-ДПМНЕ на Демир Хисар.

ОЈО Битола експресно отвори предмет и презеде дејствија за обезбедување докази. Дранго беше викнат во Обвинителството да даде исказ, а истражните органи со судска наредба влегоа и во неговиот дом во демирхисарско и извршија претрес. Јавно, ниту ОЈО Битола, ниту Дранго не кажаа што нашле во куќата кај тогашниот државен и партиски функционер. Особено за јавноста беше предмет на интерес дали евентуално полицијата ја најде пушката со снајперски нишан што Дранго ја држи во раката на спорната фотографија со мечката.

Денеска за „Независен“ ОЈО Битола со краток одговор  потврдува дека за предметот на Дранго уште следат постапки што треба да се дополни истрагата.

„Постапката е во тек со дополнителни проверки за кои јавниот обвинител издаде соодветни наредби до СВР Битола“, одговори ОЈО за „Независен“.

Од она што се знае досега е дека осомничениот ја направил оваа фотографија лани во декември. Тој тврдеше за медиумите дека не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа, па тој и вработени во „Македонијапат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа.

„Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па како вработен во ‘Македонија пат’ бев таму, за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста Ротино, битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави тогаш Дранго за медиумите.

Меѓутоа СВР Битола го демантира. Сообраќајката на патот Битола-Ресен се случила на 4 ноември лани, меѓу селата Цапари и Ротино, и дека случката ја предизвикало младо мече, а не стара голема мечка како што е на фотографијата на Дранго. Според податоци од СВР Битола, тој уште од 2018 останал без дозвола за поседување оружје.

Прашање е чија е пушката со снајперски нишан, која Дранго ја држи в рака?

Јавноста побара оставка од Дранго од втор човек на „Македонијапат“. Случајот доби и политичка димензија, па на крајот на јануари за случајот се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кажа дека не верува во неговата приказна за убиената мечка.

Но, Дранго не беше разрешен, тој за „Независен“ на СМС порака лично потврди дека само му завршил договорот во „Македонијапат“ .

„Не ме сменија, имав договор на шест месеци и ми заврши договорот“, изјави Дранго.

Политичката партија Левица поднесе кривична пријава за Дранго за кривично дело незаконит лов, оти како ловец требало да знае дека согласно Законот за дивеч и ловство трајно е забранет ловот над мечките кои се класифицирани како дивеч под заштита и чиешто ловење е дозволено само со дозвола на Министерството за земјоделство.

Спорната фотографија за Дранго со мечката ја обелодени Здружението за заштита на животните „Анима мунди“. Оттаму се децидни дека тој треба да одговара „кривично со најстрога казна земајќи го предвид неговото портфолио и тоа што беше функционер треба да послужи за пример“.