Побарана оставка од бугарскиот министер за одбрана поради одлуката за испорака на ракети С-300 на Украина
Бугарските социјалисти побараа оставка од министерот за одбрана Тодор Тагарев поради одлуката за снабдување на Украина со ракети за системот С-300.
Откако на вчерашната парламентарна комисија за одбрана со мнозинство гласови беше поддржан предлогот за испраќање „неисправни ракети С-300“ во Киев, Тагарев пред пратениците кажа дека таквата испорака нема да ги ослаби борбените способности на Бугарија. Но, оваа владина одлука предизвика бурни реакции кај опозицијата.
-Единствено што можете да направите е да дојдете во оваа просторија откако прво ќе поднесете оставка. Вие сте опасност за националната безбедност на Бугарија. Што повеќе кажува за вас од фактот дека посегнувате по последните противвоздушни ракетни системи во Бугарија. Дали сте министер за одбрана на Бугарија или на Украина, праша пратеникот од партијата БСП Борислав Гуцанов.
Незадоволство изрази и Николај Дренчев од партијата „Преродба“.
-Оваа идеја ви ја дадоа во Министерството за одбрана, односно министерот за одбрана на некоја друга држава, а не на Бугарија. И веднаш ја извршивте наредбата на (странската) амбасада, рече пратеникот.
Претходно беше објавено дека бугарскиот Парламент усвоил предлог-закон за испраќање неисправни ракети С-300 во Украина.
Авторите на предлогот истакнаа дека Бугарија не е во состојба да ги поправи неисправните ракети С-300, за разлика од Киев. Ракетите се испорачуваат бесплатно.