По вторпат се бара одземање дозвола на фирма во Штип што прави мазут од гуми
Еден месец по инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за животна средина на фирмата САНС-АГ, која користи отпадни гуми за да произведе мазут, извештајот и барањето за одземање на Б-интегрираната дозвола пристигна и официјално во Општина Штип. Софче Трајкова советник за екологија во Општина Штип, истакна дека писмото од Државниот инспекторат за животна средина го добиле токму денеска.
-Дописот е од Државен инспекторат за животна средина, во кој се споменува дека е направен вонреден инспекциски надзор на ден 6 февруари 2023 година, од страна на државен инспектор за животна средина и општински инспектор за животна средина, на лице место ја имаат констатирано состојбата од увидот, за другиот дел од дописот мора убаво да се разгледа, бидејќи јас истата Б дозвола мора да ја погледнам, по што ќе дадам соодветна информација и до вас медиумите, вели Трајкова.
Инаку, Државниот инспекторат за животна средина по втор пат бара од општина Штип да ја одземе Б-интегрираната дозвола на фирмата САНС-АГ, која користи отпадни гуми за да произведе мазут. Погонот се наоѓа на осум и пол километри од центарот на Штип и на само два километри од селото Пенуш.
Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски на 17 февруари има одржано прес-конференција токму за увидот на инспекторите на оваа штипски фирма. Инспекторите имаат увидено низа неправилности. Стојковски тогаш изјави дека и по извршен надзор од Царинската управа на нивен производ без дeкларација и серификат за состав, биле земени мостри и утврдено e дека се токсични за луѓето и за околината.
– Од анализите што ги добивме од Царинската управа , односно од Институтот МОЛ во Белград, тие покажуваат дека се работи за опасен отпад, рече Стојковски на 17 февруари 2023 година.
Посочи дека во февруари годинава и ДИЖС извршил вонреден надзор и дал налог фирмата да направи мерења во лабораторија, во присуство на нивен инспектор. Откриле неправилности и кај Б- интегрираната дозвола на САНС-АГ, зашто е издадена на парцела предвидена за пасиште и дека е без гранични вредности за емисии во воздухот. Затоа, како што наведе тој, инспекторатот ќе бара по втор пат од Општина Штип преиспитување на дозволата.
Од О2 Иницијатива наведуваат и дека во јуни 2021 и Државниот пазарен инспекторат доставил допис до ДИЖС за покренување постапка за одземање на лиценца на САНС-АГ, поради производство на производ кој го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазут, што е спротивно на Правилникот за квалитет на течни горива. ДИЖС изрекува барање за забрана за работа на фирмата, покрај барањето за одземање на Б-интегрирана дозвола.
Од О2 Иницијатива прашуваат: Дали конечно на САНС-АГ ќе му се одземе лиценцата и Б-дозволата?