По толку злоупотреби државата конфискувала само 18.000 евра од завршени кривични постапки
При толку корупција и местење на јавни тендери, државата лани конфискувала само 18.000 евра по покренати кривични пријави.
Овој податок произлегува од извештајот за работата на јавните обвинителства во Македонија што денес се разгледува во Собранието. И во него стои дека сумата што е конфискувана е премала, но се правдаат со фактот дека предметите со кои се предвидуваат најголеми суми за конфискација се уште се во постапка и ќе се најдат во извештајот догодина.
Во извештајот, полн со бројки и статистики од кои не се гледа главната порака, стои и тоа дека речиси половина од покренатите обвиненија биле отфрлени од судовите во натамошните постапки (42,2 отсто) , иако некој процент помалку отколку минатата година.
И самото државно Јавно обвинителство признава дека дури и тие што се осудени, не биле многу погодени бидејќи казните се многу благи во државава. Околу најчуствителните дела, злоупотреба на службената положба, биле покренати 1.461 обвиненија, а 43 за проневера на службата, дело од кое се спаси вицепремиерот Артан Груби. За местење, т.е. злоупотреба на јавни набавки покренати се дупло повеќе обвиненија отколку минатата година, попрецизно 57 наспроти 26 во претходната година.
И во овој извештај, зад кој првпат стои потписот на обвинителот Ненад Савески, стои поплаката дека обвинителствата добиваат само половина од законски утврдениот буџет и дека се соочуваат со кадровски проблеми.