По смртоносното стампедо на Астроворлд: Дали некој инјектирал дрога во публиката?
Најмалку две истраги, од кои едната е криминална, беа покренати во неделата по смртоносното стампедо за време на музичкиот фестивал Astroworld, на кој настапи рап-ѕвездата Тревис Скот, во кое што загинаа најмалку осум лица, а десетици беа повредени.
Официјални лица од Хјустон изјавија дека обдукцијата на жртвите се прави што е можно поскоро за да може нивните тела да бидат вратени на членовите на семејствата, додека идентитетот на некои од жртвите ќе биде објавен во недела.
Мртвите се млади, изјави градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер за новинарите во саботата: двајца беа 14 и 16 години, двајца на 21, двајца на 23, а седмиот имаше 27 години. Осмата жртва допрва треба да биде идентификувана.
Лина Хилдаго, судија од округот Харис, повика на „објективна, независна“ истрага за трагедијата додека зборуваше за рап фестивалот кој собра 50.000 луѓе кога избувна стампедо.
„Можеби плановите беа несоодветни. Можеби плановите беа добри, но не беа испочитувани“, рече Хилдаго. „Семејствата на загинатите, сите погодени заслужуваат одговори.
Во видеото од 90 секунди објавено на Твитер во саботата, Тревис Скот рече дека додека бил на сцената не можел да ја замисли „сериозноста на ситуацијата“. Тој рече дека бил „целосно здробен“ од инцидентот.
Шефот на полицијата во Хјустон, Трој Финер, рече дека детективите од Одделот за убиства и наркотици започнале кривична истрага, по извештаите дека некој од публиката им инјектирал дрога на луѓето.
Шефот на пожарникарите Семјуел Пена рече дека неколку луѓе морале да бидат реанимирани со лекот Наркан кој се дава заради предозирање, вклучително и на чувар на кој му биле инјектирани наркотици во вратот.
Остатокот од дводневниот фестивал беше откажан по несреќата што се случи во НРГ парк околу 21:30 часот по локално време во петокот, за време на настапот на Тревис Скот, пејач и продуцент номиниран за Греми, за време на кулминацијата на првиот ден.
Трагедијаата се случила во близина на бината кога толпата се нафрлила врз неа. Некои доживеале срцев удар, а други медицинска траума, рекоа официјални лица.