По пожарот во Универзална, две женски лица однесени на Токсикологија – приведени тројца градежници
По пожарот што претпладнево изби во Универзалната сала, две женски лица биле однесени на Токсикологија, вели професор доктор Нико Беќаровски од оваа клиника.
– Класично повредени, нема. Има само две женски лица, на средни години, кои се донесени поради мала изложеност на гасови, од соседната зграда. Тие во моментот на настанот, излегле до балкон на кратко, отвориле врата. Станува збор за мала количина на гас. Лицата се добри, по неколкучасовна опсервација ќе бидат пуштени дома, појасни Беќаровски.
Инаку, координацијата на службите на терен беше беспрекорна. Полицијата ги спроведе пожарникарите за брзо време од станицата во Тафталиџе до Универзалната сала, како што потврди командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески. Екипите на „Комунална хигиена и „Водовод“ донесоа потребни количини вода.
Полицијата на местото изнесуваше и евакуираше граѓани од околните згради кои беа под опасност да вдишат чад, а некои од ролетните на зградите што се многу блиску до Универзалната сала се стопени заради огромната топлина што ја создаде пожарот од салата.
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот. Како што рече, причините дополнително ќе ги утврди полициската екипа. Тој напомена дека нема повредени затоа што во моментот немало градежни работи.
Томески рече дека за кратко време пожарот бил ставен под контрола иако имале висока температура во самиот објект. Вкупно интервенирале со девет противпожарни возила и 24 пожарникари.
МВР: Приведени тројца градежни работници кои работеле во Универзалната сала во моментот на пожарот
МВР денеска соопшти дека се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот во Универзална сала во Скопје.
– Во врска со пожарот, во ПС ОН Центар се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53). Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во соопштението од МВР.
Полицијата соопшти дека денеска околу 09,45 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во Универзалната сала во Скопје. Веднаш по добиената пријава, на лице место се упатени полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11,30 часот го изгаснале пожарот.
Како што се наведува во соопштението, со возило на Итната медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување на чад.
Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија, при што на ул. „Петар Поп Арсов“ во лифтовите на зградите имало заглавени две жени, кои биле извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција.