По откривањето на корупцијата министерот Трипуновски се нафрли врз Љупчо Николовски, тој правел криминали
Откако неговата позиција во владата станува неодржлива по корупција и апсењата во Платежната агенција, министерот за земјоделство најде виновник за сите негови проблеми – неговиот претходник од СДСМ, Љупчо Николовски. Од избивањето на аферата, а и пред тоа Николовски укажува на проблемите во македонското земјоделство и СДСМ преку него понуди план како да се најде излез со замрзнатите исплати на Платежната агенција.
Трипуновски го нарече Николовски „креаторот на сите проблеми и коруптивни дејанија во времето додека беа на власт“ во интервју за Сител отфрлајќи го предлогот на поранешниот министер.
„Гледам дека во изминатите денови е многу гласен во јавноста и се обидува да манипулира. Сакам да кажам дека станува збор за можеби за најкриминогениот министер во минатото. Ова, го говорам затоа што јас како министер по влегувањето во Министерството преземав низа на активности за проверка на неговото работење. Јас имам поведено неколку постапки до Јавното обвинителство кои што повеќе од година дена не се процесуирани“, рече Трипуновски.
И додаде дека „овој министер кој што сега се обидува да се појави како спасител, во минатото ја заобиколил Платежната агенција како тело за спроведувач на програмите кои што ги носи Министерството и формирал тричлена комисија надвор од процедурите и поделил грантови по 10.000 евра за т.н. мали семејни винарии, се работи за над 800.000 евра буџетски средства“.