По околу 200.000 евра ќе добијат Националните паркови „Шар Планина“ и „Пелистер“

По предлог на Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, Владата на денешната седница ја усвои одлуката за доделување финансиски средства на двата национални парка „Шар Планина“ и „Пелистер“, кои со години се соочуваат со финансиски предизвици.
Целта на доделувањето на средствата е зајакнување на институционалните капацитети и одржлив развој на овие заштитени подрачја.
Врз основа на доставените барања од двете јавни претпријатија, Владата одлучи со ребалансот на Буџетот за 2025 година да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина“, и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер“, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија.
Овие средства ќе бидат искористени за поддршка на обврските кон вработените и изведувачите на овие паркови, набавка на современа опрема за краткорочна прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави, како и за имплементација на иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните во рамки на проектот PREVENT од програмата IPA 2.
Со оваа финансиска поддршка, Министерството за животна средина и просторно планирање има за цел да го зајакне одржливото управување со националните паркови, да го поттикне развојот на еко-туризмот и да ја подобри заштитата на природното наследство и биодиверзитетот во овие подрачја од посебно национално значење.
Националните паркови имаат особено значење за државата, бидејќи континуирано спроведуваат активности за заштита на природата, одржливо управување и развој на еко-туризмот. Тие се меѓу најважните туристички дестинации во земјата, каде се реализираат проекти за подобрување на инфраструктурата, еколошко образование и промоција на природното наследство.