По новогодишната ноќ се враќа полицискиот час во Албанија


Албанските граѓани новогодишната ноќ ја минаа без полициски час, со собири на плоштадите, фамилијарни дружби и преполни угостителски објекти, наспроти минатата година кога земјата беше под целосен карантин поради пандемијата со ковид-19.

Најмасовно беше на плоштадот „Скендер бег“ во Тирана, каде имаше музички спектакл на кој присуствуваа илјадници граѓани, меѓу нив и голем број иселеници, кои имаа можност да проследат и спектакл со огномет.

Центрите и плоштадите беа преполни и во сите други градови, без почитување на мерките за заштита, носење заштитна маска и одржување растојание.

Од денес повторно во сила е полицискиот час, воведен во средината на ноември 2020, кој трае од 23 до 6 часот.

Епидемиолозите предупредуваат дека по масовните собирања, без почитување на мерките, ќе се зголеми бројот на новозаразени со ковид-19, како што беше и по масовните партиски собири и спортски натпревари.

Во последните три дена во просек бројот на новозаразени е по стотина повеќе дневно. Според вчера објавените податоци од Министерството за здравство, вирусот е потврден кај 708 лица, што е највисока бројка на дневно ниво во последните два месеца.