По лидерската средба ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ влегоа во старите ровови


Дали вчерашните донекаде помирливи изјави по лидерската средба беа погрешен впечаток на јавноста или партиските штабови денеска сфатија дека некој може да добие повеќе со сопствено толкување на разговорите кај претседателот Стево Пендаровски? ВМРО-ДПМНЕ преку брифинзи за некои медиуми тврди дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, бил осамен во неговото инсистирање што е можно побрзо да се одржат изборите за да не ја дочекаме есента со нов бран инфекции од корона вирусот, а дека претседателот на опозициската партија добил некаква поддршка за неговиот план од четири точки. Па, дури и дека тој план бил ‘рбетот на заклучоците.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, одговори дека Мицкоски на средбата дошол без каков било и да е план и дека главната цел му била одложување на изборите.

Додека јавноста се прашуваше дали партиите се вратија во своите длабоки ровови, добро познати пред избувнувањето на епидемијата, и дека освен прокламираната грижа за здравјето на граѓаните, тешко може да се најде заедничка нишка за како да чекори Македонија по стивнувањето на кризата, некои побрзаа да прогласат некаква „победа“.

Функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, денес изјави дека „ВМРО-ДПМНЕ е прилично задоволна од исходот на вчерашната лидерска средба кај претседателот  Пендаровски, затоа што начелно беше прифатен планот којшто го понудивме во четири точки, а тоа е консултација и извештај од Комисијата за заразни болести, консултација извештај и проценка од ДИК, потоа извештај и допис од ОДИХР кога ќе можат да испратат полна набљудувачка мисија и откако ќе се исполнат овие услови на крајот да се направи една сериозна анализа за определување на нов термин за одржување на безбедни, регуларни и кредибилни избори“.

Љупчо Николовски на Фејсбук објави дека „Христијан Мицкоски на средбата немаше никаков детален план, ниту за здравството, ниту за економијата, како што тоа го најавуваа познатите опозициски портали. Тој имаше план само за една своја лична цел – да бега од темата за избори, наметнувајќи други теми на состанокот.

Се обидуваше да ја вмешува ДИК како можна пречка за спроведување на изборите, потоа ги спомнуваше и ОБСЕ и нивните можности за мониторирање, но сите евтини трикови му беа веднаш одбиени – ДИК е институција која има задача да спроведува избори, а не да дава мислења и совети, а ОБСЕ е сериозна меѓународна организација која најпрофесионално ќе одговори на потребата од набљудување на изборите во земјава, се разбира откако ние како држава ќе ги известиме за датумот на изборите“.

Милошоски во изјавата рече и дека „Заев остана единствениот изолиран политичар кој што без разлика на потребата од сериозни анализи од здравствен и изборен аспект, лицитира со избори датуми. Но, за среќа ниеден друг претседател на политичка партија присутна на самиот настан не ги прифати неговите лицитации“.

Генералниот секретар на СДСМ, пак, го тврди спротивното – „Зоран Заев ги отвори и сите датуми кои се можни како опции за спроведување избори во јуни или почеток на јули, на што немаше спротивставување од ниту еден од присутните. Мицкоски не се спротивстави да се разговара за можните датуми, иако денес преку куририте брифираат лаги дека само Заев бил за избори…

Кога Мицкоски виде дека бегството не му успева, почна да бара претседателот на Владата да му гарантирал дека ќе можел да тера теренска кампања со некакви митинзи и дека немало веќе да има новозаболени и новопочинати од корона вирус“.

Претседателот Пендаровски денеска ги прими членовите на ДИК да го чуе и нивното мислење околу изборите

До следната средба на политичките лидери идната недела некои работи ќе бидат појасни – најважната од нив, дали ќе биде продолжена вонредната состојба. А од тоа многу зависи и датумот на одржувањето на изборите.

Во подготовка на новата лидерска средба, претседателот Пендаровски денсека се сретна со членовите на Државната изборна комисија на која се разговарало за предвремените избори. Кабинетот на претседателот соопштува дека Пендаровски им ги пренесол ставовите на политичките лидери, а било договорено ДИК во текот на утрешниот ден да го достави своето мислење до шефот на државата. (Н.В.)