По изјавата на Трамп дека ќе ја напушти Белата куќа, Вол Стрит повторно во пораст


Главните индекси на Вол Стрит повторно растат, а технолошкиот Насдак достигна рекордно високо ниво бидејќи оптимизмот на инвеститорите за економското закрепнување следната година ја надмина загриженоста за очекуваниот пораст на случаите на инфицирани со корона вирус по Денот на благодарноста.

Изјавата на претседателот Доналд Трамп дека ќе ја напушти Белата куќа доколку Изборниот колеџ објави дека новоизбраниот претседател e Џо Бајден, со што според актерите на пазарот е се поблизу до признавање на резултатите од изборите одржани на 3 ноември, исто така придонесе за зголемување на расположението на пазарот.

На вчерашното тргување до 9:40 часот наутро по северноамериканско време, индустрискиот индекс Дау Џонс порасна за 131,92 поени или 0,44 проценти на 30.004,39 поени, С&П 500 зајакна 12,86 поени или 0,35 проценти на 3.642,51 поени, а технолошкиот Насдак композит напредуваше за 79,33 поени или 0,66 проценти, на највисоко ниво од 12.173,74 поени.

Трите главни американски индекси на акции пораснаа повеќе од 10 проценти овој месец, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од сигналите дека вакцините против Ковид-19 ќе почнат да се применуваат во следните недели, при што за S&P 500 овој ноември е најдобриот досега.

Индексот на нестабилност на пазарот CBOE се лизна на нивоата пред пандемијата.