По изборите во Бугарија сите чекаат да видат кој прв ќе трепне


Погледите на јавноста се свртени кон новата политичка ѕвезда Слави Трифонов и неговата партија, како и кон претседателот Румен Радев. Засега Трифонов молчи

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                                                                               Јовка Димитрова

СОФИЈА – Политичките партии и коалициите кои успеаја да стигнат до бугарскиот парламент по изборите на 4 април се кријат во очекување кој ќе го направи првиот чекор во изнаоѓање решение за идната влада на земјата. Шест политички формации ја поминаа бариерата за влез во Националното собрание: тројца познати играчи – ГЕРБ на Бојко Борисов, социјалистите од БСП и ДПС (кои ја добиваат поддршката од бугарските муслимани) и три нови партии. Меѓу нив најголемата поддршка ја има партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов, четвртиот резултат го има десничарската коалиција Демократска Бугарија, а најмалата група ќе биде коалицијата „Исправи се! Мутри надвор“, која беше составена од учесници на антивладините протести летото 2020 година.

Додека Централната изборна комисија ги брои преостанатите гласови, ниту една од шесте политички сили што наоѓаат место во парламентот не соопштува како мисли да се реши пат-ситуацијата, во која ниту една формација не добива доволно гласови за самостојно управување, но можните опции за коалиции не се многу.

Судбината на Борисов

По волја на бугарските гласачи, партијата на сегашниот премиер Бојко Борисов – ГЕРБ, освои најмногу гласови, но недоволно за сопствената влада. Ситуацијата станува потешка за Борисов, кој не само што ќе има помалку пратеници од претходниот парламент, туку ги загуби и своите двајца сегашни партнери – ВМРО и НФСБ, кои не успеаја да го поминат прагот и отпаднаа од парламентот.

Во оваа ситуација, тој ќе мора да бара нови сојузници во понепријателското опкружување на три нови партии – Има таков народ, Демократска Бугарија и „Исправи се! Мутри надвор“, кои повеќе се врзуваат со протестите против владата на Борисов летото 2020 година.

Според социологот Цветозар Томов, изборите беа референдум „за“ или „против“ сегашната влада со катастрофални последици за ГЕРБ. Тој е категоричен дека Борисов ќе може да бара коалиција само со другите две „партии на статус-квото“, кои досега беа негова формалн опозиција во парламентот – БСП и ДПС.

„Тоа е единствената шанса за г. Борисов да формира кабинет. Бугарскиот народ не сака таков кабинет и ако тој се формира, на следните избори гласачите ќе ги казнат сите три формации“, коментира Томов за БНР.

Политикологот Петар Чолаков го опиша формирањето на нова влада со распределба на силите во парламентот како „сизифска задача“. За него, шансите за формирање влада на експерти и свикување нови предвремени избори се еднакви.

Бојко Борисов веќе ги повика сите партии да формираат експертска влада за владеење до крајот на годината, под услов тој повторно да биде премиер. Борисов беше мотивиран од потребата да се контролира кризата со корона вирусот и да добие средства од Европскиот план за економско закрепнување, нагласувајќи го своето искуство и меѓународните контакти.

Досега само ДПС сигнализираше дека ќе учествува во вакви преговори. Позицијата на БСП е нејасна по изненадувачки лошиот настап на партијата, која заврши на третото место. „Исправи се! Мутри надвор“ и Има таков народ сè уште не ги коментираа резултатите од изборите. Десничарската коалиција Демократска Бугарија, која има четврти резултат, категорично ја отфрли можноста за соработка со ГЕРБ, БСП и ДПС.

Според социологот Борјана Димитрова, предлогот на Бојко Борисов за формирање експертски кабинет нема да ја добие потребната поддршка. Таа смета дека Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов би имал поголема шанса да формира влада.

Коалиција „Сите против ГЕРБ“

Шансите партијата Има таков народ да формира влада би биле поголеми, бидејќи таа ќе може да ги обедини „партиите на протест“ – Демократска Бугарија и „Исправи се! Мутри надвор“, вели Димитрова.

Но, Слави Трифонов ќе мора да најде барем уште еден сојузник за да има мнозинство во парламентот или да владее со малцинска влада со организирање „лебдечки коалиции“ на различни теми.

„Ова ќе биде формулата ‘Сите против ГЕРБ’“, коментира Димитрова.

За Цветозар Томов, партијата на Трифонов мора да се обиде да формира влада за да го преземе управувањето со здравствената и економската криза и да го промени изборното законодавство.

Сите погледи се свртени кон новата политичка ѕвезда Слави Трифонов и неговата партија како и кон претседателот Румен Радев. Засега Трифонов молчи целосно, а по завршувањето на денот на изборите на Фејсбук објави дека има симптоми на Ковид-19 и се изолирал. Никој од неговата партија не ги коментираше резултатите, можните сценарија или веројатноста да се обиде да формира влада.

Според бугарскиот устав, претседателот мора да даде мандат за формирање влада на партијата што освои најмногу гласови. Таа има рок од седум дена да преговара, а доколку не успее, претседателот ѝ го дава мандатот на втората по големина сила во парламентот. Во случај на неуспех, шефот на државата може да овласти која било од другите парламентарни партии.

Доколку не се формира влада, претседателот Румен Радев мора да закаже нови избори и да назначи своја влада за да ги организира во рок од три месеци.