По два месеци чекање пуштени во употреба шесте нови еко-автобуси, донација од ЕУ

Новите еко-автобуси ќе сообраќаат на линиите 2, 4, 5, 7, 15, 16, 24 и 50


Фото: Б. Грданоски

Шесте нови еко автобуси кои град Скопје ги доби како донација од ЕУ, а кои помпезно и пред многу политичари и медиуми беа промовирани на 26 ноември 2024 г., од денеска конечно се пуштени во употреба. Цели два месеци и една недела откако беа предадени на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје), тие почнаа да сообраќаат на линиите 2, 4, 5, 7, 15, 16, 24 и 50. Како што информираат за Мета.мк од ЈСП Скопје, последното доцнење се случило поради процесот на избор на фирма за осигурување на возилата.

„Мораше да поминат одредени рокови поради тоа што биравме фирма за осигурување.  Ги избравме „Винер“, но мораше да се чека да помине таа постапка, па потоа да се пуштат во употреба“, велат во ЈСП Скопје.

Иако директорот Драги Кушовски на промоцијата на автобусите најави дека тие ќе сообраќаат за околу две недели, сепак, автобусите останаа долго паркирани во депото на ЈСП. Прво, проблем беше згрешен број на шасија на еден од автобусите, а грешката наводно била утврдена откако ЈСП ги презело возилата, па мораше формално одлуката со точен број на шасија да помине на седница на град Скопје. Втората причина за доцнењето беше блокираната сметка на претпријатието, што го одложило плаќањето на осигурувањето за новите возила.

Автобусите кои ќе возат на метан се донација од Европската Унија, преку проектот „ЕУ за чист воздух“. На настанот организиран по повод примопредавањето, имаше огромен интерес од медиумите но и од политичарите.

Донираните еко-автобуси се произведени во Турција. За нив има гаранција две години, а одговорните тврдат дека кај нас има фирма во која би се вршел сервис и која би обезбедила резервни делови ако за тоа има потреба. Автобусите возат на метан и имаат автоматски менувач. Од ЈСП велат дека на возачите нема да им биде потребна обука околу управувањето со нив.

Донацијата на еко автобусите за Скопје следува откако поради расправијата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, градот доживеа целосна блокада на јавниот превоз. Поради поништување на тендерот за набавка на нафта, сите автобуси на ЈСП престанаа да сообраќаат, што предизвика хаос на скопските улици. Автобуските станици беа преполни со патници, а улиците блокирани од возила. Потоа, следуваше владина одлука со која му се овозможи на градот Скопје да користи нафта од државните резерви. Еден ден потоа, граѓаните на Шуто Оризари протестираа пред градските бараки, бидејќи 730 дена немаа никаков јавен превоз во нивната општина. (Мета)