По ДДВ, за пратките од „Тему“ ќе се воведе и царина


Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска најави дека Македонија ќе ја следи практиката на ЕУ околу царинењето на пратките од Тему и другите онлајн платформи преку кои се набавуваат евтини производи од Кина. Со оглед дека во ЕУ веќе има постапка за воведување царини на евтиниот увоз од Кина преку е-трговијата, тоа значи дека и Македонија во догледно време ќе воведе иста таква мерка. Од друга страна, според Димитриеска Кочоска, граѓаните нема да почувствуваат никаква промена при купувањето на вакви производи, и после нивното оданочување со ДДВ, за што законските измени веќе го поминаа филтерот во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

На прашањето за законот со којшто ќе нема лимит за ослободување од ДДВ, односно за загриженоста за пратките што ги нарачуваат граѓаните од странство, и што ќе значи ова законско решение, министерката рече дека граѓаните не треба да бидат загрожени.

„Морам да ги смирам граѓаните бидејќи и за ова прашање се пласираа дезинформации. Прво, во секоја цена што ја гледаат, „Тему“ има вклучено ДДВ. Има граѓани кои прават нарачки над 22 евра и сето тоа се регулира од страна на шпедиторските компании. Ова не е нешто што ќе ја промени цената на крајните потрошувачи. Тие дури и не се свесни дека некој тоа го прави во нивно име. Ние сега што направивме – само до 22 евра, ама производите се исти. „Тему“ не распознава кој ќе купи под, а кој над 22 евра. Цените го имаат вклучено ДДВ-то, ние ги гледаме со ДДВ, но кога ќе стигнат во државата, тоа веќе си е комуникација помеѓу шпедитерите и Царинската управа“, уверува министерката.

Затоа, повтори, граѓаните може да бидат спокојни, но ние ова мора да го регулираме, додавајќи дека и ЕУ ќе го регулира овој дел и во однос на ДДВ-то а посебно околу царината.

„Ќе ги следиме одлуките на Европската унија и доколку се одлучат ние имаме информации за тоа. Очекувањата беа дека тоа ќе биде од 1 јануари 2027, сепак се поместија роковите и тоа е легитимно, затоа што мора да најдеме начин да ги заштитиме и домашните компании кои во исто време увезуваат, плаќаат ДДВ, плаќаат царина, имаат вработени итн, целта е и македонските компании да бидат заштитени со ова. А за граѓаните кои купуваат од „Тему“ или која било платформа нема да има никакви промени“, рече Димитриеска Кочоска.