Долгот кон државата зголемен на 221,8 милиони евра – УЈП ја објави листата на должници


Фото: Б. Грданоски

Даночен долг кон државата од над 13,64 милијарди денари, односно 221,8 милиони евра имаат 5.240 обврзници. Од нив, на најновата листа на должници (бр.09/2026 ) што ја објавува Управата за јавни приходи, 2.008 се правни, а 3.232 физички лица.

За еден месец е зголемен и бројот на должниците и ненамирениот заостанат долг. Според УЈП, на листата се регистрирани дополнителни 2 фирми и 38 граѓани. А, износот на месечно ниво е повисок за 7,3 милиони евра.

Најголемите неплатени обврски се по основ на даноци и придонеси. На септемвриската листа е регистриран долгот во нето-износ од 13,46 милијарди денари или 218,8 милиони евра. Во споредба со претходната состојба, нивото е зголемено за речиси 7,5 милиони евра.

Кај царинските давачки има подобрување. За еден месец долгот е намален за 194,7 илјади евра, а вкупната неплатена сума е 2,98 милиони евра.

Оваа должничка листа се однесува на долговите што требало да се намират до 31 мај, а не биле регулирани ниту до 31 август. Се работи за обврски што произлегуваат од ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојните вршители на дејност; и повисок од 300.000 денари за правните лица.

Од УЈП посочуваат дека листата на должници ја објавуваат согласно член 9 од Законот за даночна постапка.