Мијалков за Бошкоски: И јас би се срамел да ме фатеа со 100.000 евра
Поранешниот министер и лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, по апсењето во 2011 година пред ресторанот „Воденица“ бил депресивен, вознемирен и посрамен. Ваква оценка во своите сведочења дадоа вчера затворските лекари кои го прегледувале Бошкоски во затворот.
Општиот лекар рече дека во истражниот затвор „Скопје“ веднаш го прегледал Бошкоски штом бил притворен. „Беше психички растревожен, анксиозен. Пробав да го смирам со разговор. Затоа веднаш го известив затворскиот психијатар и му посочив дека е депресивен“, рече докторот.
На прашањето дали тоа е вообичаената здравствена состојба на луѓето кои се во притвор, докторот посочи се случува луѓето да се вознемирени, но кај Бошкоски било со поголем интензитет од вообичаеното.
Психијатарот образложи дека Бошкоски по апсењето чувствувал и срам.
Обвинетиот Сашо Мијалков го праша докторот дали чувството на срам кај Бошкоски било поради тоа што бил фатен со поткуп, односно со 100.000 евра.
„Би се срамел и јас да ме фатат со 100.000 евра“, искоментира Мијалков појаснувајќи го прашањето.
Психијатарот рече дека Бошкоски чувствувал срам од целокупниот настан, односно и од самото апсење и приведување.
На прашање на обвинителот Љубомир Лапе дали срамот кај Бошкоски бил предизвикан од фактот што бил снимен и фотографиран како лежи на асфалт, докторот одговори позитивно.
На наредното рочиште на 10 мај ќе бидат сослушани уште неколку сведоци, меѓу кои и ексминистерот Митко Чавков. Тој ќе треба да биде спроведен од затворот „Скопје“ каде што се наоѓа во притвор по пресудата за 27 април.
Во случајот „Тортура“ за нечовечко апсење на Бошкоски обвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и уште неколку полициски припадници. (Ф.Ф.С.)