Пленковиќ го нарече Милановиќ „корисен идиот“ на Русија
Комисијата за внатрешна политика и национална безбедност во Хрватска испрати барање за проверка на обвинувањата на министерот за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, против претседателот Зоран Милановиќ, за кој тврди дека спроведува проруска политика. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ без да штеди зборови ја објасни целта:
„Интересно е што опозицијата никогаш не побара да се проверат сите лаги што ги кажа Милановиќ на наша сметка. Со години говореше во етерот дека сме предавници, дека застапуваме туѓи интереси, интереси на Брисел… и ниту еднаш не слушнав опозицијата да покрене иницијатива за проверка на тие наводи. Тој ја обвини ХДЗ дека е нацистичка партија и не побараа тоа да се провери. Во чиј интерес Милановиќ беше против да учествува во иницијативата Три мориња, покрената од претседателката Колинда Грабар Китаровиќ? Тој не сака да слушне за неа. Што прави тој? Ја слабее. Во чија корист? Во корист на оние кои се против таа иницијатива, а не се во неа. Тоа е Русија“, нагласи Пленковиќ и продолжи:
„Во чија корист е спречувањето на проширувањето на НАТО? Веројатно на Русија, ако соседи и се Шведска и Финска. Тој е веројатно единствениот европски лидер кој никогаш не се сретнал со Володомир Зеленски во последните три години. Никогаш не отишол во Киев. Тој никогаш не направил ништо за Украина. Зборува дека треба да и се помогне, но не ние, не Хрватска на Милановиќ. Мора да се запрашаме чија е оваа политика, во чија корист? Секако не во корист на Хрватска. Лажно тврди дека ги штити хрватските национални интереси? Како? Со слабеење на позицијата на Хрватска во ЕУ и НАТО?
Легитимно е по толку примери… и патем не го признава датумот на Националниот ден. Дајте ми еден пример каде претседателот не го признава Националниот ден и не им честита на граѓаните. Кога ќе се покрене иницијативата за сето тоа и кога ќе се утврди зошто тој спроведува политика што одговара на проруските ставови, тогаш можеме да ги доведеме во прашање другите ставови“.
На крајот тој истакна дека политиката на Зоран Милановиќ не е во корист на Хрватска, во однос на нејзината надворешна политика. Ги прозва и медиумите затоа што се прашуваат што прави Милановиќ, но само кога удира против власта.
„На крајот на краиштата, малку ми е смешно да го гледам како корисен идиот во интерес на Русија. Тоа не е хрватска надворешна политика или хрватски национален интерес“, заклучи Андреј Пленковиќ.