Платформата за борба против корупција апелира до претседателката да не ги потпише измените на Кривичниот закон
Платформата за борба против корупција апелира до претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпише указот за имените на Кривичниот законик, што беа усвоени вчера. Во него стои дека иако ја поздравуваат потребата од интервенција во Кривичниот законик, особено по измените од 2023 година, усвоените решенија, наместо да обезбедат правна стабилизација во преодниот период до донесување на целосно нов КЗ, создаваат дополнителна правна несигурност и ризик од институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција.
„ Со измените на кривичните дела за злоупотреба на службена положба и несовесно работење (членови 353 и 353-в) се предвидуваат пониски максимални казни во однос на состојбата пред 2023 година, што директно влијае врз казнената политика и врз роковите за застарување на кривичното гонење за тешки облици на корупција и злоупотреба на јавната функција.
• Заштитата на јавните средства во ставот 5 од членот 353 се сведува претежно на злоупотребите во постапките за јавни набавки, и тоа само на еден сегмент од истите, без да се обезбеди сеопфатна кривичноправна заштита од злоупотреба на средствата од државниот буџет, локалната самоуправа и јавните фондови преку други механизми.
• Кај кривичното дело несовесно работење во службата, се укинува јасната инкриминација на несовесно постапување на службени лица во органите на државната управа, што во пракса претставуваше клучна алатка за заштита на правата на граѓаните во управните постапки.
• Предложените решенија за проширената конфискација концептуално и процесно ги мешаат различните модели на конфискација, што е во судир со Законот за кривичната постапка и со меѓународните стандарди, и отвора ризик од нејасна и нееднаква примена, како и од повреди на правната сигурност и презумпцијата на невиност.
Дополнителна загриженост претставува и фактот што измените кои се однесуваат на борбата против корупцијата се носат во ист законски пакет со одредби за усогласување со Истанбулската конвенција и зајакнување на заштитата на жените и жртвите од семејно и родово базирано насилство. Иако овие измени се неопходни и заслужуваат недвосмислена поддршка, нивното комбинирање со суштински и контроверзни промени во антикорупциското кривично законодавство ја отежнува стручната и јавната расправа и создава ризик важните прашања поврзани со корупцијата да не бидат соодветно разгледани во нивниот целосен опсег.
Воедно, сметаме дека начинот на донесување на овие измени, без соодветни јавни консултации и без систематско вклучување на јавните обвинители и судиите, не соодветствува на чувствителноста и значењето на материјата која се уредува“, забележуваат од Платформата.
Имајќи ја предвид нејзината академска и професионална посветеност на уставното право и владеењето на правото, ов оваа Платформа изразуваат увереност дека Сиљановска ќе ги земе во предвид овие аргументи и ќе го искористите уставното овластување да го врати законот на повторно разгледување во Собранието.
„Таквиот чекор би овозможил суштинска доработка на спорните решенија и би спречил долгорочни негативни последици врз борбата против корупцијата и правната сигурност“, стои во дописот.
За овие измени вчера реагираше и лидерката на ЛДП Моника Зајкова во гостување на Канал 5.
„Jас да сум на местото на колешката нема да сум толку горда и толку гордо да говорам за овие измени на Кривичниот законик. Имам морално право да говорам, ниту ги гласав претходните измени ниту оваа несуштинска промена. Прават јавна дебата за да ги прифатат само забелешките што само технички нешто менуваат. Еве ги забелешките од платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, тие се исти со ставот на ЛДП, дека со ваквиот КЗ дополнително се ослабнува казнено-правната заштита од корупција и злоупотреба на службената положба“, изјави Зајкова и додава дека со членот 353 апсолутно ништо не се менува, бидејќи повторно се остава лимит „од-до“ на казната и воопшто не соодвествува со законодавството на ЕУ.
Според Зајкова, доколку претседателот на ВМРО бил искрен и навистина го мислел тоа што го кажувал во 2023 година, уште првиот ден ќе го сменеше Кривичниот законик и ќе го вратеа криминализирањето на функционерите.
„Осумнаесет месеци на власт гледаме дека ништо не се менува, што всушност е и измама на граѓаните.„Видете на интернет, самиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ во своите изјави кога се менуваше претходниот КЗ нагласуваше дека со бришење на ставовите кои предвидуваат казна затвор од најмалку пет години директно се амнестираат сите што краделе, сега повторно делот најмалку каде што оди на максималната казна се трга и се ставаат лимити од-до за овие дела“, вели Зајкова.
„Ако сакавме нешто да смениме, требаше да го вратиме она што претходно постоеше и за кое што алармираат сите. Ќе повторам, да се прифатеа предлозите на ЛДП ќе имаше зголемување на роковите за застареност токму за овие кривични дела. Сега вие кога тука ја декриминализирате одговорноста како што е за фаворизирање на тендери, како што е избор на понудувач, местење на технички спецификации, притоа оставате одговорност само да одговара јавната администрација, а првите луѓе да не одговараат. Не знам каква правда стимулираме освен неправда или правда на помоќниот“, вели Зајкова, потсетувајќи дека на граѓаните им е преку глава од лаги, манипулации и глумење на реформи кои не се во нивен интерес.