Планот за раст носи бесплатен интернет за земјите од Западен Балкан: Ова се деталите од конкурсот и кој може да се пријави

Учесниците во програмата ќе добијат сеопфатна поддршка, вклучувајќи снабдување и инсталирање на опрема за Wi-Fi, Интернет услуга и одржување.
Општините во земјите од Западен Балкан можат да аплицираат за иницијативата WiFi4WB (Wi-Fi за Западен Балкан) до 28 април 2025 година. Оваа иницијатива ќе обезбеди бесплатни Wi-Fi жаришта за најмногу 500 општини низ Западен Балкан. Wi-Fi интернет ќе биде инсталиран на јавни места, како што се плоштади, паркови, библиотеки, музеи и училишта, обезбедувајќи им на жителите и посетителите бесплатен и сигурен пристап до интернет.
Учесниците во програмата ќе добијат сеопфатна поддршка, вклучувајќи снабдување и инсталирање на опрема за Wi-Fi, Интернет услуга и одржување. За возврат, од општините се бара да се заложат за одржување на услугата надвор од почетниот период на финансирање, обезбедувајќи долгорочна одржливост и влијание.
Јавната покана е отворена за сите општини од Албанија, Босна и Херцеговина, т.н. Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, а апликациите треба да ги поднесат градоначалникот/шефот на општината, службеник вработен во општината или член на општинскиот совет. WiFi4WB е дел од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, со акцент на дигиталната трансформација како клучен двигател на регионалната интеграција. Програмата има за цел да го премости дигиталниот јаз, да ги зголеми економските можности и да ги зајакне локалните заедници, обезбедувајќи универзален пристап до Интернет. WiFi4WB е дел од акцијата EU4Digital, финансирана од Европската Унија (ЕУ) и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементирана од „Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit“ (GIZ).
Инспириран од успешната иницијатива WiFi4EU, која обезбеди бесплатен Wi-Fi за речиси 9.000 општини низ Европа, WiFi4WB ја проширува оваа визија и на Западен Балкан, опремувајќи ги општините со алатки за подобрување на дигиталната инфраструктура и збогатување на животите на жителите и посетителите.
За повеќе информации за тоа како да се регистрирате и да учествувате во WiFi4WB, посетете wifi4wb.eu