Планот на Украина е да го врати Херсон до крајот на 2022
Американските власти признаваат дека украинската цел за повторно заземање на Херсон до крајот на 2022 година е амбициозна
Една недела по новата контраофанзива, украинските сили постигнуваат успеси на југот, со амбициозна цел да го вратат најголемиот дел од рускиот окупиран регион Херсон до крајот на годината, изјавија за Си-Ен-Ен високи американски и украински функционери.
Според геолокацијата на видео и сателитски снимки, минатата недела беа забележани најамбициозните копнени напади од страна на Украинците од почетокот на инвазијата, по постојаните напади на командни пунктови, магацини за муниција и резерви на гориво далеку зад фронтот.
САД забележаа дека украинските сили постигнуваат одреден успех во нападот на руските линии за снабдување, со намера да ги отсечат и изолираат руските трупи кои моментално се распоредени западно од реката Днепар, според висок американски функционер.
„Она што најпрво го видовме во регионот Херсон е некои континуирани офанзивни операции од страна на Украинците“, им изјави на новинарите портпаролот на Пентагон во воздухопловните сили, генералот Пет Рајдер. „Тие продолжуваат да прават некои движења напред. Свесни сме дека повторно зазедоа некои села“.
Рајдер, исто така, рече дека САД виделе „некоја офанзивна руска активност… во близина на Бахмут“.
Според украинските власти, целта е да се заземе барем целата територија северно или западно од реката Днепар, вклучувајќи го не само градот Херсон, туку и Нова Каховка, место на важна хидроцентрала, како и каналот што го снабдува Крим со голем дел од неговата вода.
Тековната офанзива на југ е со широка основа – се протега на повеќе од 160 километри – за да ги спречи руските единици да се концентрираат на една точка. Дополнително, забележан е пораст во диверзантските операции и нападите врз проруските функционери во окупираните области.
Американските власти признаваат дека украинската цел за повторно заземање на Херсон до крајот на 2022 година е амбициозна, но останува можна доколку Украина продолжи да напредува во своите сегашни операции.