Пивоваров: Снимката на Трендафилов укажува на работа на „службите“
Снимката е апсолутно мирна, нема тресење што упатува на тоа дека е употребена постапка за да нема ниту најмал ризик, смета безбедносниот експерт Владимир Пивоваров
Снимката со Слободан Трендафилов, претседателот на ССМ, како ги зема своите деца од училиште е професионална. Тоа укажува дека тоа е работа безбедносните служби, вели поранешниот шеф на военото разузнавање и професор по безбедност Владимир Пивоваров, во разговор за Рацин.мк. Видеото на социјалните мрежи го објави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
Според Пивоваров, снимката дефинитивнио не е аматерска. Снимена е од статив, со камера, а не со телефон на што алудира форматаот (16:9), а не вертикален формат со каков што начесто се снима од мобилен телефон. Снимката е апсолутно мирна, нема тресење што упатува на тоа дека е употребена постапка за да нема ниту најмал ризик.
Видеото има јасна острина и контраст, што исто така е резултат на професионална „рака“, вели Пивоваров.
Такви снимки службите прават од автомобили со затемнети, посебни, стакла, кои овозможуваат чист поглед кон надвор и добро снимање, а кон внатре не се гледа ништо, објаснува Пивоваров.
Според него, опрема за ваков вид на следење имаа само АНБ и Јавна безбедност на МВР.
Пивоваров вели дека пратеничката Стојаноска ќе мора да објасни од каде и е снимката, а дополнителна тешка околност за неа во овој случај е што, можеби, го крши и членот на КЗ кој забранува демнење и претставува кривично дело за кое се предвидени 3 до 5 години затвор.
Видеото што го објави Стојаноска дефинитивно е вознемирувачко за Слободан Трендафилов, и особено вознемирувачко за неговите деца, со што се исполнува последната реченица од членот на законот за демнење кој вели: „… со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице.“
На прес-конференцијата од 11 февруари 2026, Трендафилов тврдеше дека неговите деца биле следени и снимани, и побара кривичен прогон за лицата што стојат зад тоа. Tој јавно го прозва Министерство за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски со прашање дали „службите“ го следат него и неговото семејство, наведувајќи дека притисокот трае повеќе од една година.