Пинто Тешеира: Украина е поподготвена за членство во ЕУ од балканските земји
Украина е голема земја, богата со природни ресурси, со вреден и храбар народ. Нејзиното членство во ЕУ би било важно достигнување за Европа. Стравувањата не се оправдани, вели поранешниот амбасадор на ЕУ во Киев и во Скопје, Жозе Мануел Пинто Тешеира.
Минатата недела, ЕУ презентираше извештај во кој позитивно го оцени напредокот во спроведувањето на реформите во Украина. Но, официјалниот почеток на преговорите за пристапување останува под знак прашалник. Една од причините е унгарскиот премиер Виктор Орбан ја блокира европската интеграција на Украина. На прашањето како може да се развие процесот на преговори меѓу Киев и Брисел и кога Украина ќе може да стане полноправна членка на ЕУ, португалскиот дипломат Хозе Мануел Пинто Тешеира и сегашен потпретседател на Европскиот центар за поддршка на изборите во Брисел вели дека, за жал, процесот на проширување се спроведува врз основа на консензус.
„Договорот за ЕУ ѝ дозволува на земја-членка да ја напушти по своја волја, но не дозволува исклучување на земја-членка од нејзиниот состав. Затоа ми е многу жал што има такви што велат: треба да се држиме до ставот на едногласност и едноставно да чекаме раководството во одредена земја да се промени демократски. Ова ја парализира Европската Унија.
Виктор Орбан ја парализира ЕУ токму во процесот на започнување преговори за пристапување со Украина, а има и други кои не се толку искрени во своите постапки – на пример, словачкиот премиер Роберт Фицо, на кого не треба премногу да му се верува. Политиката кон Украина на Андреј Бабиш, кој победи на неодамнешните избори во Чешка, е исто така различна. Засега, процесот останува целосно парализиран – благодарение на петтата колона на Путин во ЕУ. Украина, според мене, си ја врши својата работа, иако мора да продолжи со потребните реформи, бидејќи ситуацијата може да се промени. Ќе видиме каква одлука ќе донесе унгарскиот народ на изборите следната година, но генерално, според мене, поддршката за Украина во ЕУ преовладува“, вели Тешеира.
Околу борбата против корупцијата и антикорупциските реформи во Украина, тој оценува дека по Мајданот од 2013 година, борбата против физичката корупција многу се подобрила, на пример во агенциите за спроведување на законот, но дека не може да извлече заклучоци за тоа како функционира системот како целина.
“Досега, никогаш не постоела земја што поминала низ процесот на пристапување кон ЕУ и соодветните преговори доживувајќи брутална инвазија. Секој ден, Украина е гранатирана со ракети и беспилотни летала насочени кон цивилното население, а Русија и нејзините поддржувачи се рамнодушни кон ова“, порачува Тешеира.
Според него, Украина веќе покажала дека заслужува членство, а нејзиниот прием би бил и големо достигнување за Европа.
„Стравот од нови земји-членки постои во ЕУ уште од првиот момент од нејзиното проширување. Украина е голема земја, богата во однос на природните ресурси, во земјоделството. Има образован и вреден народ, кој сега покажа дека не е само вреден, туку и храбар. Убеден сум дека Украина би била важно достигнување за Европа во однос на територијата, ресурсите и луѓето. Затоа, не ги споделувам загриженостите во оваа пригода.
Во Брисел велат дека можат да ги прифатат сите балкански земји во ЕУ. Го познавам добро Балканот бидејќи работев таму осум години – во Северна Македонија, во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Да ја земеме Босна и Херцеговина, на пример, поделена земја во која постои државен ентитет наречен Република Српска, кој е исто така петта колона на Русија. Како може Босна и Херцеговина да се интегрира или само делумно да се интегрира? Се поставува прашањето и за Косово и Србија. Ситуацијата со овие земји е покомплицирана отколку со Украина, која е хомогена држава“, вели Тешеира.
На забелешката дека дури и претставникот на Трамп, Стив Виткоф, постојано повторува дека во окупираниот Домбас луѓето зборуваат руски Тешеира вели дека е точно тоа, дека многумина во Украина зборуваат руски, но дека тоа е последица на руската доминација и колонијалното наследство.
„Овие луѓе категорично не се Руси. Затоа, верувам дека Украина е подобро подготвена како земја со внатрешно единство и хомоген контекст отколку земјите каде што има некои ситуации создадени од меѓународната заедница“, смета Тешеира.
Тој вели дека чувствата на многу граѓани во ЕУ во врска со приемот на нови членки во 2030 година се сведуваат на страв дека тоа ќе доведе до многу проблеми во однос на донесувањето одлуки и единството на ЕУ.
„Но, Украинците сега покажуваат колку е кохезивна и обединета Украина. Можната нелегална окупација на делови од Украина не треба да биде причина за неприфаќање на Украина, бидејќи постои преседан со Кипар. Северниот дел од Кипар беше окупиран од Турција, а островот беше интегриран во ЕУ по овие настани. Истиот пристап може да се примени и на Украина. Во Украина во минатото никогаш немало сепаратизам, без оглед на тоа кој јазик го зборувале луѓето. А, националниот идентитет на Украинците само се зајакна во последниот период од историјата на земјата, особено сега за време на војната. За мене, Украина е земја која не треба да биде казнувана, бидејќи е казнувана доволно долго“, порача Тешеира.(Дојче Веле)