Пикантерии: ЕК го впери прстот и во ВМРО-ДПМНЕ, ги наброја сите гласања со европско знаменце


 

Надвор од клучните оценки на Европската комисија за состојбите во Македонија, а целосниот извештај, има повеќе пикантни оценки. Така, ЕК заедно со забелешката дека во нашата земја често и без основа се користи европското знаменце за да се протнат закони во македонскиот парламент, објавува листа на сите закони што прошле низ таква процедура. Во извештајот притоа стои дека знаменцето на ЕУ било искористено, меѓу другото, за измена на Кривичниот законик со воведување пониски казни за кривични дела на корупција, за измена и дополнување на законите за работни односи, за експропријација, за урбанистичко планирање, за градежништво, па и за автопати што ќе се градат (особено патниот коридор VIII и X).

Притоа се наведува дека бројот на закони донесени по скратена постапка се зголемил од 38 отсто на 58% за штета на суштинска дебата и инклузивен законодавен процес, поради што пораката е дека -употребата на брзите процедури треба да биде ограничена. „Тие не треба да се користат за за скратување на јавни консултации или за решавање на процедурални потешкотии во законодавниот дом“, порачуваат од ЕК.

ЕК исто така го впери прстот и во ВМРО-ДПМНЕ  оценувајќи дека постојаната поларизација меѓу владејачките партии и опозицијата го спречи Собранието правилно да функционира. 

„ Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ активно ја блокираше парламентарната работа, што беше значајна пречка за напредок во законодавството“, оценува ЕК. Па така се вели дека иако учествувала  во некои дебати за важни прашања, ВМРО-ДПМНЕ се воздржала од гласања, вклучувајќи го и тоа за ратификација на Договорот за статусот на Фронтекс. Исто така, околу уставните промени се нагласува фактот дека во формираната работна група одбиле да учествуваат ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Во извештајот натаму  се оценува дека Северна Македонија продолжува да „истражува, гони и суди за случаи на корупција, вклучително и за случаи на корупција на високо ниво“, но дека има загрижувачки тренд пред се околу неколку предмети на СЈО по донесените првостепени пресуди. „Тоа вклучува зголемен број на одложувања и пресврти, што резултира со застареност во некои случаи. Најчестите причини за одложување вклучуваат отсуство на обвинети или бранители главно поради здравствени проблеми и отсуство членовите на судечките совети, кога  се назначен во друг суд. Судиите мора проактивно и ефикасно да управуваат со нивните случаи и да обезбедат навремена правда“, порачува ЕК барајќи за ваквите водења на постапките – судиите да одговараат.

Според ЕК,  измените на Кривичниот законик се „причина за сериозна загриженост“, бидејќи тие влијаат врз предметите на поранешните СЈО да прекинат или да застарат.

„Додека некои промени, како зајакнувањето на мерките за конфискација, може да се сметаат како ограничени подобрувања, тие треба да бидат поврзани со силни правни и процедурални заштитни мерки, како и функционално следење, замрзнување и  управување со ефективен национален систем за наплата на средствата… Амандманите предизвикуваат сериозна загриженост бидејќи тие исто така влијаат на примената на кривичните процедури  ограничувајќи го опсегот на истрагите, а со тоа и попречувајќи ја способноста на властите 
ефикасно да ги гонат случаите на корупција на високо ниво“, оценува ЕК. 

Во извештајот има и дел со кој се нотира носењето на законот за коридорите на „Бехтел и Енка“ како потег „во спротивност со делови од правната рамка и  со меѓународните обврски“. Околу работата на Владата стои дека е подржана со редовни владини соопштенија, но дека не секогаш се што е усвоено на владините седници стигнува до јавноста.

Постои сериозна загриженост и околу „несоодветно надворешно влијание врз работата на Судскиот совет и судството“, при што се споменати сите епизоди со давања оставки и  незаконски разрешувања во иова тело, вклучувајќи ја и оставката испровоцирана од  „несоодветно влијание од внатре во судството и од деловната заедница“.

„Новиот претседател, кој ја презеде функцијата во декември 2022 година, беше деградиран
во април 2023 година преку контроверзна постапка, покренувајќи прашања за почитување на законите и процедури“, стои во извештајот на ЕК. 

„Црешата“ на ваквите оценки ја стави бугарскиот европратеник Александар Јорданов кој на презентацијата на еврокомесарот Оливер Вархеи во ЕП рече дека во Македонија оваа година прогрес не постоел, дека има назадување и дека треба објективно да се каже ситуацијата, аргументирајќи го своето тврдење со епизодата во Канал 5, кога директорот додека траеше емисијата во живо се вклучи во програм и му рече на гостинот да си замине.