Петте тона дрога преминаа преку границата, партиите во судир кој е виновен


 

Забележливо е дека надлежните претставници на власта молчат за големиот шверц на марихуана од Македонија во Србија (пет тони), но затоа партиите ја презедоа агендата наместо државните органи.

„Трет ден по ред власта молчи за огромниот картелски скандал со заплената на пет тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија. Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери…?

Молкот е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта. Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта.

Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата?

Криминални тендери, пет тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. Како во мафијашки филм“, вели во соопштение СДСМ и бара обвинителството да спроведе целосна истрага.

ВМРО-ДПМНЕ одговара дека сето тоа биле лаги, манипулации и шпекулации. „Ги повикуваме доколку имаат било какви докази за некаква вмешаност на поединци од власта во случајот со пет тони дрога веднаш да ги достават до ЈО, во спротивно ќе добијат тужба.

Провери ли СДС во фабриката за марихуана кај Заев? Зошто имало камиони без таблици во таа фабрика? Зошто Заев лично ѕвонел на телефони во царинската управа и се интересирал за случајот со марихуана? Каква е улогата на Вице во целиот случај?

СДС мора да разбере дека ако тие крадеа, ние не крадеме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.