Петре Шилегов побара оставка на Венко Филипче
Еден ден по изборот на новото раководство на СДСМ поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, побара оставка од лидерот Венко Филипче.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, преку фејсбук-објава побара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Македонското законодавство познава убиство од небрежност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла. Или тешка ви е одговорноста? Или ви тежи договорот? Или си СДСМ или си тезгарош. М? Прашањата ќе ги поставиме по празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова година, Божик, ќе се заборави….“, напиша Шилегов во објава на Фејсбук.
Преку друга објава тој даде дообјаснување.
„Бидејќи можеби многумина не разбраа (преку 50 тел. повици за 7 мин.) Да! Барам оставка на ‘претседателот’ на СДСМ“, додаде Шилегов.
На вчерашната седница на Централниот одбор СДСМ го избра новото раководство на партијата. Поранешната министерка за труд и социјална политика и актуелна пратеничка од СДСМ, Јована Тренчевска и Александар Трајановски се нови потпретседатели на СДСМ.
На функцијата генерален секретар на СДСМ останува Александар Димитриевиќ, а Љупчо Фармаковски како и досега ќе ја извршува функцијата организациски секретар на партијата.