Петре не можеше без Слоештица и Слоештица не може без Петре


Во родното село Слоештица, Демирхисар,  местото на неговиот творечки аџилак и непресушен бунар на инспирација, каде е отворена спомен- соба во кои се изложени негови лични предмети, денеска се одбележаа 90 години од раѓањето на македонскиот поет и раскажувач Петре М. Андреевски, во организација на Македонското научно друштво – Битола, при што претседателката на друштвото, Невена Груевска и амбасадорот на Европската делегација во земјава, Дејвид Гир положија цвеќе на гробот на Петре М. Андреевски.

По положување на цвеќе Груевска и Гир имаа обраќања на настанот, и посебно беше акцентирана големината на Петре М. Андреевски како еден од најзначајните македонски поети, раскажувачи, романописци и есеисти, кој дал посебно важен приднес во градењето на македонскиот национален идентитет и македонската современа книжевност.

Претседателката на друштвото во знак на благодарност за отстапениот простор, на претставниците на Задружниот дом во с. Слоештица им врачи книги, донација од издавачката дејност при МНД – Битола, како и од Педагошки факултет – Битола, со цел збогатување на фондот на книги на библиотеката во с. Слоештица.

Настанот беше збогатен со рецитал на избрани песни од богатиот поетски опус на нашиот поетски македонски великан, посебно од неговата најпрочуена стихозбирка „Дениција“.

Со цел присутните поблиску да се запознаат со ликот и делот на Петре М. Андреевски, на настанот се одржа и квиз со едукативен карактер, подготвен од студенти на Педагошки факултет – Битола. На учесниците во квизот, претседателката на МНД – Битола им врачи книги од и за Петре М. Андреевски, донација од издавачката куќа Арс Ламина.

-По завршувањето на рециталот и квизот, присутните се поканети од страна на семејството на Петре М. Андреевски, во Арт Поинт – Гумно, каде свечено ќе биде откриена скулптура од познатиот македонски уметник Никола Пијанманов, инспирирана од „Песна за мојата песна“ објавена во безвременската поетска збирка на Петре М. Андреевски, „Дениција“, соопштија организаторите.