Пет возила оштетени во две сообраќајки во Автокоманда

Вкупно пет возила се оштетени, но нема повредени, во две одделни сообраќајни несреќи што се случиле во населбата Автокоманда на влезот на Скопје поради снегот и лизгавиот коловоз. Како што информира МВР, првата сообраќајка во која учествувале две возила во СВР Скопје била пријавена во 9:26 часот, а втората со три возила во 9:29 часот.
-Во 9:26 часот било пријавено дека во близина на бензинска пумпа, на влез во Скопје, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „ауди“ со радовишки регистарски ознаки и патничко возило „фолксваген голф“ со италијански национални ознаки. Во 9:29 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Александар Македонски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу три патнички возила „пежо 306“ со скопски регистарски ознаки, „форд фокус“ со бугарски национални ознаки и „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, соопшти МВР
До овој момент, како што се посочува во соопштението, за двете сообраќајки нема пријава за повредени лица.
Полициски службеници од СВР Скопје се излезени на местото на настанот и вршат увид.