Пет мини библиотеки со европска книжевност поставени низ Скопје


 Пет мини библиотеки со дела од современи европски автори се поставени на фреквентни локации низ Скопје, како иницијатива на издавачката куќа „Сакам книги“ во рамките на проектот „Со љубов, од Европа“.

Како што соопштуваат од издавачката куќа „Сакам книги“, мини библиотеките се поставени на Средно Водно, во Градскиот парк, Парк Македонија, во паркот во Ѓорче Петров, како и во паркот „Авионче“ во Аеродром, каде граѓаните ќе можат бесплатно да позајмат книга, да ја прочитаат и да ја вратат во истата мини библиотека, со што таа ќе биде достапна за следниот читател.

Од „Сакам книги“ најавуваат дека библиотеките периодично ќе се освежуваат со нови наслови, доколку книгите се зачувани и редовно се враќаат.

– Со поставувањето на мини библиотеките сакаме книгите да бидат таму каде што се луѓето – во парковите, на прошетка, во природа и во срцето на градските населби. Секоја позајмена и вратена книга е нова средба, ново искуство и доказ дека културата на читање може да се гради заеднички – стои во соопштението.

Проектот „Со љубов, од Европа“ се реализира во рамките на програмата „Креативна Европа“, со цел приближување на современата европска книжевност до македонските читатели преку превод и објавување дела од автори кои првпат се преведуваат на македонски јазик.

Проектот започна со 16 избрани наслови од 13 европски земји, кои обработуваат теми како менталното здравје, родовата еднаквост, феминизмот, попреченоста, инклузијата, различноста и климатските промени. Седум од насловите се наменети за деца и млади.

Поставувањето на мини библиотеките е реализирано во соработка со Град Скопје, Општина Ѓорче Петров и Општина Аеродром.

Од „Сакам книги“ апелираат граѓаните одговорно да ги користат мини библиотеките, да ги чуваат книгите и да ги враќаат по читањето, за тие да бидат достапни за што поголем број читатели.