Пет фирми сакаат да ја градат штипската брана на река Отиња

Пет фирми сакаат да ја градат браната на река Отиња, капиталниот проект за Штип, кој целосно ќе се финансира од државниот буџет. Рокот за доставување на понуди е завршен, а сега е периодот на евалуација, соопшти министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

-По завршување на евалуацијата ќе имаме конечно колку фирми се подготвени од овие пет коишто конурирале да учествуваат на надавањето, со цел да ја добиеме најповолната понуда за изградбата на браната на река Отиња. Проектите стануваат реалност, заради тоа што некој се грижи и работи за граѓаните, рече Бочварски, при денешната посета на Општина Штип.

Тој очекува до крајот на декември или почетокот на јануари  следната година да се потпише договор со фирмата, која ќе ја гради браната на реката Отиња. Посочи дека средства за реализација на овој капитален проект се обезбедени и во буџетот за 2021 година. Министерот за транспорт и врски, Бочварски истакна дека Штип по неколку децении добива брана на река Отиња, по 30 години се изгарди и нова градинка и никогаш досега не бил решен сообраќајниот хаос, а за три години изградени се две платформи за паркинг.