И исплата на пензиите ќе биде поделена во групи
Министерството за финансии, Народната банка и банките се подготвуваат за исплата на априлските пезнии со цел да не се повторат сцените од крајот на минатиот и почетокот на овој месец. Министерката за финансии Нина Ангеловска, денес на прес конференција за исплата на субвенциите за тутунопроизводителите најави дека исплатата на пензиите е планирана за последната недела од април и за таа цел се прават подготовки да се систематизира и дисперзира.
Денес на прес конференција во Владата беше соопштено дека субвенциите за над 19 илајди тутнопроизводители во вкупен износ од 30 милиони евра, ќе се исплаќаат од понеделник за имателите на платежни картички, а другите, околу 50 отсто кои немааата картиќки, парите ќе можат да ги подигнуваат поделени во четири групи, од вторник до петок според првата буква од презимето.
Ангеловска не прецизира дали истиот модел ќе се примени и кај пензионерите, или пак, како што е поизвесно, според висината на пензијата, но нагласи дека станува збор за многу поголем износ на средства и за 20 пати поголем број на граѓани отколку кај исплатата на субвенциите.
-Оваа поголема исплата е планирана за последната недела од месец април и исто така ќе се систематизира и дисперзира за да не се прават толпи и да не се загрозува здравјето на граѓаните. Ќе посочам дека ваквото организирање е неопходно и воедно добар пример дека ако пристапиме системски и координирано кон ситуацијата можеме да најдеме соодветни решенија коишто ќе го земат предвид, пред се, грижата за здравјето на граѓаните. Најважно е да го заштитиме здравјето и да се избегнат ризиците, рече Ангеловска.
Министерката дополни дека оваа криза не научи на многу нешта, а воедно можеби ќе придонесе и да промениме дел од долгогодишните навики кон подобри и посовремени.
„Плаќањето со картичка е многу побезбедно отколку со банкноти“, рече Ангеловска, порачувајќи да не се користи готовина. (Н.В.)