Пендаровски: ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска не го осудија упадот во Собранието
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски ѝ забележа на неговата опонентка Гордана Силјановска-Давкова и партијата која ја поддржува дека не го осудиле упадот во Собранието од пред две години.
– Пред две години на овој ден имавме една од најгрдите епизоди воопшто во историјата на модерна Република Македонија. Тој ден беше организиран упад во највисокиот законодавен дом во кој тогашната партија на власт се обиде да го спречи мирниот трансфер на власта. Партијата што тогаш тоа го организираше, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот кандидат за претседател Гордана Силјановска ниту тогаш, ниту во изминатите две години, по кој било повод не кажа ниту еден збор осуда за тој чин што ја посрамоти Македонија и ја нареди во кругот на земји каде такви случаи се практикуваат во недостиг на базичен мир и безбедност за граѓаните.
Ова денеска го изјави кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, кој рече дека на тој ден страдаа пратениците, новинарите, вработените во Собранието.
– Дел од луѓето кои упаднаа добија судски пресуди, за дел од нив постапките се во тек. Тоа што е најважно и што мислам дека треба во овој изборен контекст во пресрет на вториот изборен круг да се потенцира е дека не слушнавме политичка осуда, каква било осуда макар од човечки аспект на луѓето на политичката партија на кандидатите кои и сега ја бараат вашата доверба во пресрет на 5 мај, вториот круг на претседателските избори, истакна Пендаровски.
Во модерна Европа, нагласи, таков чин нема забележано во изминативе неколку векови.
– Ние бевме првата европска држава која тоа го направи и тие кои тоа го направија и ден денеска ја бараат вашата доверба врз истата платформа, врз истите политички постулати, велејќи дека сакаат повторно да дојдат на власт и колнејќи се во правото и во правдата. Почитувани граѓани сите тие флоскули, сите тие фрази за право и правдина би вределе, би имале тежина само ако во случај Силјановска и партијата која ја поддржува го осудат овој чин и конечно кажат дека од таквите луѓе кои тоа го организираа сите ние треба да се срамиме. Ова е многу побитно од тоа кој ќе добие на изборите, од пратенички мандати, од советнички мандати и од бројот на гласови што ќе го добиеме. Ова е побитно дури и од тоа дали ќе добиеме датум за преговори или нема да добиеме датум за преговори во јуни, рече Пендаровски.
Едноставно, додаде, како луѓе мораме да се погледнеме во очи и да си кажеме тоа не беше во ред, тоа не беше демократски и дека такви практики никогаш повеќе во оваа држава нема да се повторуваат.