Пендаровски стави крај на пародијата на Милошоски, го прескокна за амбасадорите

Претседателот ги потпиша указите за двајца предложени амбасадори кои не дојдоа на дневен ред да бидат сослушани во Комисијата: Агнеза Руси-Поповска во Бугарија и Методија Белевски во Белгија


Претседателот Стево Пендаровски денеска реши да ја прекине пародијата во Комисијата за надворешни работи на Собранието, каде со месеци се оддолговлекува сослушувањето на кандидатите за амбасадори на Македонија во повеќе земји.

Неговиот кабинет соопшти дека Пендаровски, во рамки на своите уставни надлежности, ги потпишал указите за двајца предложени амбасадори кои не дојдоа на дневен ред да бидат сослушани во Комисијата: Агнеза Руси-Поповска во Бугарија и Методија Белевски во Белгија. Агнеза Руси-Поповска досега беше амбасадор на Македонија во ЕУ.

Покрај за нив  потпиша укази и за амбасадорката во Словачка, Евгенија Илиева, во Канада, Агрон Буџаку и Норвешка Дритон Кучи. За овие тројца помина расправата во Комисијата за надворешни работи, додека за Белевски таа беше одложена. Сослушувањето на Агнеза Руси-Поповска не беше ни ставено на дневен ред на Комисијата со која претседава Антонио Милошоски, иако предлогот за неа е уште од пред пет месеци.