Пендаровски: ООН ќе биде ефикасна онолку колку што ќе и дозволат државите членки
Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото, но нашата Организација може да биде ефикасна онолку колку што државите членки ќе и дозволат, порача претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето на форумот на високо ниво „Иднината што ја сакаме, Обединетите нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“, што се одржа синоќа во Њујорк по повод 75-годишнината од формирањето на ОН.
– Во 1945-та народите се обединија околу визијата да ги поштедат идните поколенија од ужасот на војната. Тие ги поставија темелите на новиот меѓународен поредок што во својата основа го стави и човекот, а не само државите и нивните алијанси, истакна Пендаровски.
Тој потенцира дека во изминатите 75 години, Обединетите нации постигнаа многу и како камен темелник на меѓународното право и мултилатералниот систем, Организацијата ги обврзува своите членки да ги надминуваат споровите на мирен начин и да соработуваат за одржување на мирот и безбедноста.
– Обединетите нации превенираа бројни конфликти и ги ублажија последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнаа на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност. Во изминатите децении милиони луѓе беа извлечени од екстремна сиромаштија и заштитени од насилство, додаде Пендаровски.
Шефот на македонската држава истакна дека преку Универзалната декларација, меѓународните пактови и конвенции, Обединетите нации го поттикнаа глобалното движење за права и слободи, за социјална правда и еднаквост и ја зајакнаа отпорноста кон катастрофи и го мобилизираа светот во борбата со климатските промени.
– Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото. Но, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки ќе и дозволат, потенцира Пендаровски.
Според него, поради бројните препреки во нејзиното работење, во светот се уште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство, а кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба.
– Годинава, состојбата е дополнително усложнета поради пандемијата на КОВИД-19. Покрај огромното страдање што го предизвикува, пандемијата ги разоткрива слабостите на нашиот меѓународен поредок и системските нееднаквости на нашиот свет. Ни остануваат само уште десет години за да ги реализираме Агендата 2030 и Парискиот климатски договор. За да ги постигнеме Целите за одржлив развој ние мора истовремено да ги ублажиме економските и социјалните последици од пандемијата. А тоа можеме да го постигнеме само преку меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни силни и ефективни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност, додаде претседателот на Републиката.
Пендаровски истакна дека од својата независност, па до денес, Република Северна Македонија сведочеше и за придобивките и за предизвиците на Обединетите нации.
– Од корисници на првата превентивна мисија – УНПРЕДЕП, самите станавме контрибутори на повеќе мировни мисии. Благодарение на Обединетите нации решивме комплексен спор кој ја забавуваше нашата интеграција во меѓународниот поредок. Ние ќе продолжиме во духот на мултилатерализмот да ги исполнуваме нашите меѓународни обврски и да ја поддржуваме работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции. Јасно е дека само ако вложуваме во светската организација ќе успееме да изградиме достоинствен свет, истакна претседателот Пендаровски во обраќањето.
Форумот, организиран во рамки на 75-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, се одржа со емитување на пораки на претставници од над 180 држави и организации во салата на Генералното собрание на Светската органмизација, во присуство на генералниот секретар Антонио Гутереш и претставници од земјите членки на ОН.
Поради пандемијата на КОВИД-19, годинешната сесија се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.