Пендаровски очекува од Франција суштински придонес за проширувањето
Што би било ако го немаше францускиот предлог. Без него ситуацијата ќе беше ќор-сокак, изјави специјалниот француски пратеник Рене Троказ
Специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ, ја продолжи неколкудневната посета на Македонија со средби со претседателот Стево Пендаровски и министерката за одбрана Славјанка Петровска
На средбата со Пендаровски се разговарало за актуелните состојби во државата, како и следните фази кои треба да се комплетираат како дел од процесот за пристапните преговори на Македонија со Европската унија. Како и за процесот на проширување на ЕУ кон целиот регион.
Пендаровски се заблагодарил за француската поддршка и експертиза која ја добиваме во евроинтегративниот процес и изразил очекување од Франција, како еден од столбовите на Европската унија, со својата поддршка, да даде суштински придонес за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
На средбата со Петровска, министерката за одбрана му рекла на Троказ дека на евроинтеграцијата треба да се гледа како на безбедносно прашање, особено имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба и обидите за влијание на трети страни врз земјите од регионот. Затоа е многу важно Македонија да не губи време на својот евроинтегративен пат.
Троказ се согласил дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е и безбедносно прашање и го пренесе ставот на својата држава дека Македонија припаѓа на европското семејство кое го обединуваат заеднички вредности, просперитет и стабилност. Македонија ја има целосната француска поддршка за што поскоро членство во Унијата, рекол Троказ.
Специјалниот француски претставник за Западен Балкан, Троказ порача дека Франција високо ја цени улогата на Македонија како сојузник и фактор на стабилност во регионот.
Во интервју за Сител, Троказ рече: „Знам дека имаше дебати во Македонија, мислам дека сега е многу важно да видите кој ќе биде вашиот приоритет од сега па натаму. Наш приоритет е да помогнеме да се забрза процесот на европска интеграција на Западен Балкан“.
По средбите со Пендаровски, Петровска, вицепремиерите фатмир Битиќи, Славица Грковска и Бојан Маричиќ, како и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Троказ очекува да се сретне и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На прашањето што очекува од оваа средба, бидејќи токму ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставните измени, Троказ одговори: „Ќе му кажам дека со сите разговараме на ист начин, немаме двојни стандарди и судбината на Македонија е во нејзини раце, а заложбата за придвижување на земјата не е само на владата, туку и на сите партии во парламентот“.
„Знам дека францускиот предлог беше критикуван, не од сите, туку од некои. Ајде да размислиме дали би било подобро овој предлог да го нема? Без него, ситуацијата би била целосен ќор-сокак. Гледаме дека сега има потешкотии. Ја разбираме чувствителноста, но сега треба да продолжите напред. Сакаме да помогнеме и да почитуваме. Ние не сме Македонци, ние сме пријатели на Македонија и не можеме да зборуваме во име на нашите македонски партнери и пријатели, но мислиме дека треба да се движиме напред, политички и институционално, да ги надминеме овие тешкотии и силно да тргнете по европскиот пат“, рече Троказ.